ГОВОР НА СТЕВЧО ЈАКИМОВСКИ ПО ПОВОД ОТВАРАЊЕ НА КЦК

 

Почитувани присутни,

Огромно е задоволството што денес општина Карпош прави уште еден револуционерен чекор во образованието. Имено, по вложените 7 милиони евра во изградба и реконструкција на сите 10-те основни училишта на нејзина територија во последните неколку години со што обезбедивме европски услови за школување на нашите деца, по обезабедувањето на бесплатни ужинки и еднодневни екскурзии за нашите ученици, денес сме овде за да го објавиме формирањето на Креативниот центар Карпош.

Што е Креативниот центар Карпош? Тоа е нашиот конкретен придонес во унапредувањето на практичната настава во училиштата, тоа е нашиот придонес во откривањето на надарените млади и развојот на нивната креативност во науката и уметноста, но тоа е нашиот придонес и во обезбедување дообука за нашите наставници, нивно вклучување во различни проекти и создавање услови за реализација на ефективни воннаставни активности. За таа цел општина Карпош од сопствениот буџет издвои средства во износ од 2 милиони денари. Тоа се верувам најрационално искористени средства наменети за најдобрите и најкреативните млади луѓе кои се секогаш моторот на развој на една земја. Ние тоа го правиме без празни декларации, туку со конкретни активности.

Затоа, денес отвараме една од десетте единици во рамки на Креативниот центар Карпош кои ќе бидат лоцирани во сите 10 училишта. Во ООУ „Јан Амос Коменски“ ќе се наоѓа Центарот за екологија во чии рамки ќе работат и Ученичката истражувачка лабораторија и Погонот за рециклажа. Еве во моментот имаме можност да видиме неколку ученици како експериментираат за да најдат начин како да се рециклира загадена вода, крвен отпад, хартија и како да се открие присуство на некои загадувачи во водата.

Во опремувањето на лабораторијата помогнаа Ве-Да инстутот, Д-р Пановски, Пакомак, Факултетот за земјоделски науки и храна и Истражувачкиот центар за генетско инженерство и биотехнологија при МАНУ за што сакам да им изразам искрена благодарност. На ваков начин сакаме да покажеме како се воспоставува конкретна соработка помеѓу училиштата, бизнис секторот, научните установи и локалната самоуправа.

Но, тука не застануваме. Напротив, утре во 13 часот ќе ја отвориме и втората единица во рамки на Креативниот центар Карпош, а станува збор за Центарот за храна во рамки на ООУ „Вера Циривири Трена“ преку организација на работилница за изведување хемиски експерименти за нашите наставници по хемија. До крајот на годината во функција ќе бидат ставени и Астрономската опсерваторија при ООУ „Христијан Тодоровски Карпош“, центарот за дизајн и роботика во ООУ „Братство“, Домот за животни во ООУ „Лазо Трповски“, Ботаничката градина во ООУ „Петар Поп Арсов“, Центарот за климатски промени при ООУ „Димо Хаџи Димов“, Центарот за аудио-визуелна уметност во ООУ „Владо Тасевски“, Центарот за историја и археологија при ООУ „Војдан Чернодрински“ и Центарот за ликовна уметност и ракотворби при ООУ „Аврам Писевски“.

Воедно, сакам да ве известам дека ова е оргинална иницијатива и единствен ваков центар не само во Македонија туку и во регионот, а можеби и пошироко.

На крајот дозволете ми во име на општина Карпош која е основач да прогласам дека од денес на нејзина територија почнува со работи Креативниот центар Карпош.

За многу години за овие млади деца и за сите наши ученици меѓу кои се кријат идни врвни научници, професори, инженери, уметници и други професионалци кои се иднината на оваа земја.

Благодарам.