Првиот филм на НА КЦК во продукција на МТВ – Успешна приказна “Од знаење до пракса”

На иницијатива на новинарката Татјана Ласковска од образовната програма на МТВ, КЦК со огромно задоволство и ентузијазам се вклучи во создавањето на документарниот филм под работен наслов ЕДНО Е ДА ЗНАЕШ, А ДРУГО ДА УМЕЕШ, кој потоа се трансформираше во УСПЕШНА ПРИКАЗНА – ДО ЗНАЕЊЕ СО ПРАКСА.

Во соработка со Тања си подготвивме прво синопсис, па сценарио на филмот, па план за снимање и конечно на почетокот на фебруари  инсертите за филмот ги снимивме на три локации и тоа: Институтот за хемија при ПМФ, Миколошката лабораторија исто на ПМФ и на Катедрата за биохемија и генетско инженерство при Факултетот за земјоделски науки и храна. Снимањето беше пропратено со бројни експерименти и изјави од членовите на КЦК како и од учениците кои учествуваа во снимањето на филмот.

Можеби една од најважните работи во животот е да се остави трага зад себе, а овој филм е токму тоа за КЦК. Една прекрасна сторија за тоа како КЦК го применува концептот УЧЕЊЕ НИЗ РАБОТА или LEARNING BY DOING. Во филмот провејуваат бројни идеи и примери за тоа како овој концепт може да стане дел од нашето образовно секојдневие. Белким некој од тие што треба ќе го погледнат филмот и ќе се обидат овие препораки да ги преточат во реалност.

Како и се друго што правиме во КЦК, и ова беше на волонтерска основа заради што и заадоволството е уште поголемо. Премиерата на филмот беше на 22.02.2021 година (понеделник) во 18 часот на првиот канал на јавниот сервис МТВ, а се надеваме дека истиот претставува трајна вредност која ќе се емитува и понатаму како патоказ по кој треба да оди македонското образование.

На крај сакаме да изразиме благодарност до сите учесници во филмот, како и до МТВ за овој прекрасен производ кој останува неизбришлива трага за тоа како функционира Креативниот центар Карпош. Повторно поздрав до општина Карпош.