На падините на Водно се наоѓа локалитетот Македонско село, кое популарно го викаме Етно село, а за наша среќа се наоѓа на територијата на општина Карпош. Во него се „посадени“ неколку типови на куќи од различни подрачја на Македонија кои импресионираат со својата убавина. Сето тоа „зачинето“ со прекрасниот Етно музеј, амфитеатарот и неколкуте ресторанчиња беа магнет кој ги привлече младите истражувачи од Креативниот центар Карпош, на 25 ноември да го посетат ова место. На тринаестемината креативци од основните училишта од општина Карпош им се погоди и времето кое заради сонцето повеќе наликуваше на пролет, отколку на зима, ама најмногу им се погодија нараторите и аниматорите Доц. Д-р Мимоза Клековска од Факултетот за архитектура на ФОН и Јасмина Атанасова – Симјановска, професор по покрај другото и по народна архитектура во СУГС „Здравко Цветковски“ во Скопје.

Како загревање, креативците прво ја посетија една од најстарите рановизантиски цркви во Македонија, храмот Св. Пантелејмон кој се наоѓа преку пат од Македонското село која иако стара скоро илјада години преживеала неколку силни земјотреси. Во црквата креативците со своите нараторки разговараа за настанокот на храмот, за неговата организација и бројните икони кои се наоѓаат во него.

Од таму, младите истражувачи се упатија кон Етно селото во кое направија разлика меѓу Беровска, Реканска, Битолска, Прилепска, Тетовска, Охридска и други видови куќи од различни делови на Македонија. Така научија за конзолите или еркерите кои ги држат исфрлените делови на куќите кои се направени за да има повеќе простор меѓу куќите, па видоа разлика меѓу целосно камени куќи и куќи направени од различни материјали, па се уверија во убавината на македонските чардаци кои ги има скоро на сите куќи и т.н.

Мал одмор направија на амфитеататрот на кој им беа раскажани приказни за историјатот на амфитеатрите, нивното значење во градовите, а богами и се закрепнаа  со некое кроасанче. Од амфитеатарот се упатија кон Етно музејот во кој кустосот им ги објасни носиите и други етно збирки кои се наоѓаа во него.

На крајот, се упатија во Македонскиот ан во кој се освежија со чајче и тоа од тревки кои ги има на Водно како што се: мајчина душица, нане и камилица. Според изразите на нивните лица можеше да се процени дека не се покајаа што едно прекрасно саботно сончево ноемвриско претпладне го поминаа дружејќи се со Македонската етноархитектура. КОјзнае, некој од креативциве можеби за некоја година ќе го гледаме како професионално се занимава со оваа работа. Да сме живи и здрави!