Вовед

Република Македонија располага со извонреден диверзитет на растенија и габи кои сè уште не се доволно проучени. Тој факт е една од причините за постоењето на Центарот за ботаника и микологија како дел од Креативниот Центар Карпош кој функционира во рамките на ООУ „Петар Поп Арсов“ во населбата Карпош 4. Овој Центар се состои од отворен дел во кој ќе се одгледуваат ендемични, ретки и други видови виши растенија и габи и затворен дел во кој се наоѓаат збирки на хербаризирани растенија и габи карактеристични за општина Карпош кои ќе бидат подготвени во соработка со лабораторијата за ботаника при Факултетот за земјоделски науки и храна и со Миколошката лабораторија при Природно-математичкиот факултет. Во затворениот дел, покрај збирките се наоѓа и истражувачка лабораторија, опремена со современа апаратура за набљудување и експериментирање со претставници на растенија и габи од Македонија.

Мисија

Центарот за ботаника и микологија има за цел да ги привлече учениците кои се заинтересирани за продлабочено осознавање и проучување на живиот свет, особено на растенијата и габите. При тоа, основна цел на овој центар ќе биде развивање на љубов и свест кон овој дел од живиот свет и создавање навики кај учениците за негово сочувување и по потреба искористување. Тоа подразбира вклучување на учениците во теренски истражувања и детерминација на примероци од самоникнатата флора и фунгија, понатаму реализација на проектни задачи кои се однесуваат на растењето, развојот и репродукцијата на вишите растенија и габите, како и организација и уредување на ботаничко-миколошка градина во кругот на училиштето. Сите овие активности учениците ќе ги реализираат во соработка со своите наставници и младите аниматори од соодветни подрачја, а под будното око на реномирани стручњаци од тие области. За сите овие активности учениците ќе водат своја и општа евиденција за центарот што ќе биде основа за идното унапредување на неговата работа. Исто така, Центарот ќе организира и посети на ботаничко-миколошката градина за локалното население, но и за ученици од други училишта во општината и пошироко.

Просторни и технички претпоставки

Ботаничко-миколошката градина има површина од 200 m2 и во неа примарно ќе бидат одгледувани ретки и ендемични видови виши растенија и габи, а во еден затворен дел ќе се одгледуваат и некои тропски видови растенија. За работа во градината се набавени алатки за работа и тоа: мотики, гребла, ашови, прскалки и друго. Во градината ќе биде поставен систем за наводнување капка по капка. Истражувачката лабораторија ќе биде лоцирана во училница со површина од 50-ина m2 во непосредна близина на ботаничко-миколошката градина. Таа ќе биде опремена со квалитетен микроскоп, бинокулар, сетови од препарати, како и соодветни инструменти за следење на физиолошко-биохемиски промени на испитуваните примероци.

Стручен тим

– Проф. Олгица Бајалџиева
– Проф. д-р Елизабета Мискоска – Милевска
– Доц. д-р Катерина Русевска
– Проф. д-р Митко Караделев

ООУ “Петар Поп Арсов”