Вовед

Насекаде и постојано сме опкружени со обликување на нештата, за што многу често и не сме свесни. Секоја куќа, автомобил, парче мебел, алатка, машина, облека, прехранбен производ и се друго што би ни паднало на памет си има своја специфика во изгледот. Клучното нешто што влијае врз таа специфика е неговото височество ДИЗАЈНОТ. Тој постои и се практицира за да овозможи уникатност на производите кои ги прави попривлечни за човековото око. Дизајнот спаѓа во применетите уметности и овој збор првично бил користен како израз за создавање на архитектонски план низ интерактивни процеси, скици и макети. Зборот дизајн е целосно преземен од англискиот збор „design”, а значи цртеж или скица, односно некоја идеа која што е визуелно претставена. Кога оваа идеа се применува во производството и преку неа истото се менува, тогаш обликувањето на производите престанува да биде само уметност, туку станува маркетинг и бизнис. Оттогаш разликуваме предмети кои се настанати со уметничка индивидуална изработка и индустриски производ кој е создаден на производна лента. Овој дизјн затоа и се нарекува индустриски. Покрај индустрискиот дизајн, една од областите во кои дизајнот има клучна улога е архитектурата која се занимава со обликување на просторниот волумен. Таа не може да се дефинира како една категорија, туку таа е нешто помеѓу науката и уметноста. Во последно време зборот дизајн се употребува и за креирање на виртуелни производи кои имаат се повисока цена во ерата на информатичката технологија. Тука може да зборуваме за web дизајн, дизајнирање на софтвери, реклами или дизајнирање на некакви други електронски производи кои може да се пласираат на пазарот.
Голема преокупација на човештвото во последно време претставува и роботиката, односно науката за програмирани машини кои извршуваат одредени активности за потребите на луѓето. Тоа е вториот сегмент на Центарот за дизајн и роботика кој се наоѓа во ООУ „Братство“ во населбата Тафталиџе 2.

Мисија

Центарот за дизајн и роботика има за цел да ги анимира учениците кои пројавуваат интерес за развивање на нови производи, редизајнирање на стари производи, уредување на ентериер и екстериер и создавање на простор за различни цели. При тоа во овој центар учениците во соработка со наставниците и надворешните соработници ќе бидат вклучен и во целиот процес на создавање на нови производи, во што се подразбира анализа на предности и недостатоци на постојните производи, нивно редизајнирање и изработка на прототипови за нови производи. Во областа на архитектурата учениците ќе бидат поттикнати да изработат план за изработка на градбени објекти и уредување на внатрешен и надворешен простор. Учениците ќе имаат за цел да изработат најразлични скици, цртежи, макети и постери за соодветните задачи. Учениците ќе користат секаков вид материјали, како на пример картон , стиропор, полуфабрикати и производи од дрво, пластика, стакло, метал, гипс, глина, хартија, и други материјали кои би овозможиле уникатност на прототипот. Во текот на програмата, учениците ќе имаат можност да посетат студија за дизајн и архитектура, воедно и изложби кои се организирани од факултети кои што имаат студии во овие области. Делот за работика има за цел да ги анимира младите кои сакаат да конструираат и програмираат роботи за што ќе ја имаат подршката од соодветни стручни лица.

Просторни и технички претпоставки

Студиото на Центарот за дизајн и роботика ќе биде со површина од 50 м2 со десетина работни места на посебни работни маси опремени со соодветно осветлување и неопходни машини, алатки и материјали потребни за изработка на предвидените проекти на учениците. Од машини во Центарот за дизајн и роботика ќе има неколку персонални компјутери со одлична конфигурација, скенер, плотер, ласерски принтер во боја, 3Д принтер, уред за прецизно сечење на стиропор и друго. На учениците кои ќе се ангажираат во работата на Центарот за дизајн и роботика, на располагање ќе им бидат ставени и различни алатки за обработка на дрво, метал, пластика, стакло, хартија, глина и тоа: длета, скалпели, ножици, штрафцигери, клешти, чекани, сврдла и др. Процесот на дизајнирање, учениците ќе го изведуваат на секакви видови материјали кои се претходно спомнати. И конечно, во Центарот за дизајн и роботика ќе бидат обезбедени различни видови софтвери кои се користат во различните домени на дизајнирање. За делот на работика, Центарот ќе располага со комплети за конструирање роботи.

Стручен тим

– Томислав Поповски
– Проф. Петре
– Проф. Харлампие Манчев

ООУ “Братство”