Вовед

Заштитата и унапредувањето на животната средина се незаменливи предуслови за опстанокот на човештвото, а со таа проблематика се занимава наука која се нарекува екологија. Тоа е синтетска наука во која се применуваат методи од сите природни науки, а се со цел за заштита на воздухот, водата и почвата од загадување, како и живиот свет од загрозување. Особено е важно кога со оваа дисциплина се занимаваат млади природници и ентузијасти кои се гаранција дека природата нема повеќе да ја позајмуваме без покритие од следните генерации. Токму тоа е и лајт мотивот за формирање на Центарот за екологија како дел од Креативниот центар Карпош, а кој ќе функционира при ООУ „Јан Амос Коменски“ во населбата Тафталиџе 1. Тој се состои од истражувачка лабораторија во која ќе се одвиваат анализи на загаденоста на животната средина, како и изнаоѓање на начини за нејзино сочувување и мини-погон за рециклажа во кој ќе се развиваат постапки за рециклажа на различни видови отпад.

Мисија

Мисијата на Центарот за Екологија е да ги анимира заинтересираните ученици продлабочено да се занимаваат со еколошките проблеми. Младите еколози-истражувачи во овој центар ќе реализираат проектни задачи кои се однесуваат на истражување на загаденоста на водите, особено на реката Вардар во општина Карпош, воздухот како и на почвата. Под менторство на своите наставници и со стручна помош на видни научници од областа на екологијата, младите еколози прво ќе стекнуваат сознанија за опасностите од згадување, понатаму ќе развиваат начини за заштита од загадување и конечно ќе придонесуваат во ширење на еколошката свест на граѓаните, особено на територија на општина Карпош. Тоа ќе биде реализирано преку организација на работилници, теренски истражувања и лабораториски анализи. Овие активности ќе се реализираат во еколошката лабораторија. Во мини-погонот за рециклажа ќе се работи на искористување на различни отпадни материи преку нивно собирање, рационално складирање и преработка. Овој центар ќе има за цел воспоставување на соработка со соодветни државни органи како и со научни установи кои се занимаваат со заштита на животната средина. Исто така, овој центар ќе има тесна соработка со други центри во рамки на КЦК, каkо што се Центрите за зоологија, ботаника и микологија и со центарот за енергетика и климатски промени.

Просторни и технички претпоставки

Истражувачата лабораторија на Центарот за Екологија е со површина од 30 м2 и е опремена со неопходни апарати, мерни инструменти, прибор и потрошен материјал за едноставни хемиски анализи (вага, сушница, рН метар, центрифуга, мешалка, бирети, колориметар и соодветна стакларија. Пoгонот за рециклажа се наоѓа во подрумските простории на училиштето и во него ќе се врши симулација на преработка на различни видови отпаден материјал, особено на пластика како ихартија, различни видови на индустриски отпад и т.н.

Стручен тим

– Проф. Александра Блажевска
– Проф. Д-р Методија Најдоски
– М-р Милица Светозаревиќ
– Проф. Д-р Зоран Т. Поповски

ООУ “Јан Амос Коменски”