Во предвечерјето на новата година, Креативниот центар Карпош ја заокружува оваа за нас многу успешна година со комбинирана работилница во која од биолошки материјали се правеа соодветни украси за дочек на најлудата ноќ, се разбира во позитивен смисол. Имено, 20-ина ученици од училиштата на територијата на општина Карпош оваа сабота ја поминаа под „диригентската“ палка на наставничката Дивна Карапанчева која е и spiritus movens во стаклената градина во ООУ „Вера Циривири – Трена“, секретарот на КЦК – Томе Несторовски, како и секогаш спремната за помош нашата Зорица Карапанчева. Вредно е да се спомене дека оваа стаклена градина покрај од КЦК е поддржана и од Фондот за иновации и технолошки развој.

А што правеа денес мудрите глави и вештите раце на креативците? Додека во позадина течеше презентацијата „Од ливада до стаклена градина“ со која наставничката Дивна ги запозна присутните со еволуцијата на стаклената градина, креативците создаваа: мини стаклени градини од рециклиран материјал, новогодишни икебани од шишарки и гранчиња, разраснуваа жито, правеа терариуми и мнооогу се забавуваа. За тоа впрочем зборуваат и многуте фотографии на кои доминираат задоволни и среќни лица на млади кои со својот интерес, вештини и знаења го заслужуваат епитетот Креативци.

Така ја заокружуваме оваа 2023 година со оваа работилница која е своевидно финале на:  изучувањето на флората, фауната и микофлората на Водно, вајањето на фигури, производството на музика, светот под микроскоп, тајните на ДНК, што јадеме – што пиеме, различни извори на енергија, електричната инсталација дома, escape room и други.

На крајот на оваа година останува најискрено да се заблагодариме на општина Карпош која повторно препозна важен партнер во КЦК во работата со надарените и заинтересирани млади, во надеж дека оваа соработка ќе продолжи и ќе се прошири во наредната година.

Епа нека ни е среќна и бериќетна Новата 2024 година.

КРЕАТИВЕН ЦЕНТАР КАРПОШ