Во саботата на 14 октомври се одржа првата експедиција во рамки на проектот ВОДНО ВО КАРПОШ – КАРПОШ НА ВОДНО. Овој проект, започнат на 20.09.2023 е имплементиран од Креативниот Центар Карпош, во рамки на програмата за подгрантирање на проектот „Младински активизам за позелени општини”, имплементиран од Македонското здружение на млади правници, Здружението за одржлив развој и заштита на животна средина Гоу Грин Скопје, Центарот за климатски промени и Здружението на млади Креактив, а е финансиски поддржан од Европската унија.
Затоа во саботата 14 ученички и ученици од училиштата од општина Карпош и еден гостин од друга општина заедно со неколку наставници, научници и иноватори направија прелиминарни мерења со користење на инструмент сличен на тој што би го направиле креативците. Прво, во кругот на основното училиште „Вера Циривири Трена“, поточно во близина на стаклената градина на Центарот за храна се направи мерење на загаденоста на урбаниот дел од Карпош. На почетокот иноваторот Даниел ги запозна присутните со важноста за мерењето на загаденоста, начините на мерење и тоа го демонстрираше со инструмент кој сам го конструирал. Овој период за мерење го избравме бидејќи не е започната грејната сезона, па очекувавме дека вредностите на загадувачките честички е во граници на нормала, што и го покажа мерењето.
Потоа сите се „преселивме“ на Водно каде што нашата импровизирана мерна станица ја поставивме на еден видиковец над манастирот „Св. Пантелејмон“. Тука се соочивме со ужасна глетка. Имено, местото беше преплавено со ѓубре од секаков вид. Таа глетка е огледаало на нашата култура, воспитување и однос кон планината Водно која често ја викаат „белите дробови“ на Скопје. Но, да се вратиме на мисијата на КЦК и на проектот Водно во Карпош – Карпош на Водно. И овде измеривме вредности во границите на нормала, па со тоа заврши првиот дел од нашата задача, односно одредувањето на своевидна нулта точка во загадувањето на овие две локации.
Во продолжение се отвори дисксуија за тоа зошто Скопје е еден од најзагадените градови во светот и дали има шанси тоа да се надмине. Радува што во оваа дебата во природа учествуваа и учениците кои се надоврзаа на искажувањата на повозрасните кои објаснија дека Скопје е во котлина, опружено со планини и без доволна циркулација на воздух. Учениците излегоа со неколку предлози како да се почне со борбата против загадувањето на Скопје и Водно преку организирање на акции за чистење, подигнување на свеста на граѓаните преку медиуми и кампањи, па до технички решенија за инсталирање на постројки за отстранување на маглата во денови кога таа „залегнува“ во градот.
По ова, продолживме со мини експедиција по планината, каде што професорите Кате и Зоран ги запознаа учениците со географските, климатските и хидрографските карактеристики на Водно, како и со неговиот живиот свет. Според интересот на учениците, впечаток е дека овие наши креативци ќе останат активни учесници во овој проект заедно со возрасните ентузијасти.
Голема благораност до наставниците Ефто и Дивна, како и за секретарот на КЦК Томе за логистичката поддршка и одличната организација на овој настан.