И така полека, полека стигнавме скоро до крајот на патувањето наречено „Водно во Карпош – Карпош на Водно“, проект кој КЦК го реализираше со финансиска поддршка на ЕУ преку Здружението на Млади Правници на Македонија и програмата За зелени општини.

Во изминатите 9 месеци креaтивците под диригентската палка на неколку врвни експерти конструираа мерни инструменти и самите воспоставија паралелен мониторинг на загаденоста на воздухот во делот од Водно кој се наоѓа на територија на општина Карпош и во урбаниот дел на општина Карпош, поточно во кругот на ООУ „Вера Циривири Трена“ во населбата Карпош 2.

Покрај ова, младите креативци навигирани од научници по ботаника, микологија и зоологија преку четири експедиции се запознаа со живиот свет на Водно како и со неговите климатски, хидролошки и географски карактеристики. Притоа беа изготвени збирки на растенија и габи кои виреат на Водно, а преку посетата на Зоолошката градина во Скопје се запознаа и со животинскиот свет на оваа наша планина.

Врз основа на овие наоди, нашите наставнички Александра и Дивна од КЦК подготвија наставни единици за Водно кои ќе се изучуваат во иднина во сите училишта на територија на општина Карпош по предметите Биологија и Природни науки.

Овој викенд на ред дојде и работилницата во чии рамки креативците симулираа загадување преку создавање на токсични гасови во лабораториски услови чија концентрација потоа ја мереа во затворени услови. За да бидат целосно заштитени од влијанието на јаглеродниот моноксид, сулфурниот и азотниот диоксид се погрижи професорот Методија Најдоски од Институтот за хемија кој обезбеди соодветни услови во кои учениците самостојно ги изведуваа експериментите.

Така 15-ината креативци во Центарот за екологија на КЦК кој се наоѓа во ООУ „Јан Амос Коменски“ го симулираа ефектот на стаклена градина и глобалното затоплување, потоа симулираа услови за создавање на т.н. кисели дождови, а проверија и како се контролира присуството на кислород во водата како незаменлив фактор на животот во водените екосистеми. За нивниот ентузијазам со кој работеа и интересот кој го покажаа зборуваат фото и видео записите.

Следната недела од 11 часот во дворот на ООУ„Вера Циривири Трена“ е завршниот настан на овој проект на кој се поканети сите кои учествуваа во реализација на проектот, но и сите вљубеници во Водно. Ве очекуваме!