Како што најавивме минатата недела, овaa сабота (17.02) КЦК продолжи со реализацијата на проектот Водно во Карпош – Карпош на Водно преку склопувањето на мерните инструменти за паралелно мерење на загаденоста на воздухот во урбаниот дел на Карпош и на Водно – делот од скопските бели дробови кои припаѓаат на општина Карпош. Проектот е финасиран преку програмата за зелени општини на Македонското здружение на млади правници со средства од ЕУ.

Да потсетиме! Минатиот викенд 13-те креативци под менторство на проф. Коколански и м-р Пејовски со несебична помош на наставничката Дивна  и младиот инженер Томи во ФАБЛАБ, лабораторијата на Факултетот за електротехника и информаички технологии се подготвуваа за склопување на инструментите со кои ќе продолжат да ја мерат загаденоста на воздухот. Тогаш научија да создаваат и да програмираат струјни кола на плочки кои сами си ги креираа.

Пред да започнат со предвидените активности во рамки на проектот, учениците-креативци беа запознаени, но и учествуваа во дизајнирање и производство на едноставни форми преку 3-Д печатење. Забележлив беше интересот кај овие исклучително надарени изаинтересирани деца за оваа современа алатка во информатичките технологии.

На оваа работилница креативците отидоа чекор понатаму. Сега на дрим-тимот од минатата недела им се приклучи уште еден млад инженер (Томе) и овој пат креативците влегоа во тајните на метрологијата запознавајќи се со поимите големини, еталони и мерења. Пријатно изненади огромната теоретска подготвеност на креативците кои иако млади, сигурно владеат со оваа терминологија и ја разбираат оваа проблематика.

Додека ги проучуваа инструментите кои служат за мерење на загаденоста на воздухот со отровни гасови и честички, тие од страна на проф. Коколански беа запознаени со влијанието на овие штетни материи врз здравјето на човекот и врз животната средина. Оваа работилница се реализираше повторно во просториите на ФЕИТ, но овој пат во делот наречен ИНОФЕИТ, односно организационата единица на факултетот наменета за иновации и трансфер на технологии.

И така, лека-полека доаѓаме до инструментите кои беа сами по себе една од целите на проектот, а кои ќе останат во сопоственост на КЦК за во иднина да се продолжи со овој систематски мониторинг на воздухот во Карпош од страна на учениците и нивните наставници.

На крајот сакаме да го поздравиме и присуството на еден ученик од соседна скопска општина кој случајно дознал за овие наши активности, па изрази желба да ни се придружи. Се надеваме дека и него го „заразивме“ со нашата благородна состојба наречена КЦК-оза.