Неповторливо чувство и незаборавно искуство беше активноста што КЦК за првпат во својата скоро десетгодишна историја на прагот на пролетта ја реализираше во една скопска градинка. Имено, на 20-ти март проф. Елизабета Мискоска – Милевска (за дечињата тетка Бети) и проф. Зоран Поповски (познат како дедо Зоки) во градинката „Кочо Рацин“, поточно во клонот „Наум Наумовски – Борче“ во Oпштина Центар ja реализираa работилницата „Отровните растенија како можна закана за децата од предучилишна возраст“.

Уште на влезот во градинката почувствувавме дека ова ќе биде посебен ден. На тоа упатуваа топлото добредојде од вработените и директорката на градинката и особено  детскиот „воз“ со кој се сретнавме додека влегувавме низ ходниците. Возот со преку триесет дечиња-вагончиња држејќи се за маички и блузончиња пристигна во една од занималните. Првиот впечаток беше неверојатен. Во етерот се чувствуваше нивниот темперамент, но во исто време и љубопитноста и воспитаноста.

Во таква атмосфера, запознавањето течеше како „мед и млеко“. Тетка Бети како даскал по ботаника и дедо Зоки како даскал по биохемија немаа проблем да им се претстават на децата. При тоа сите останаа зачудени кога за да се воведат во темата на прашањето дали дечињата сакаат слатко, едно од нив дофрли дека јаде, ама не многу оти тоа не било многу здраво. Ма браво! На ова дете му се придружија уште неколку други дечиња кои дополнија што е тоа што јадат и е здраво.

Е потоа поминавме на темата за отровните растенија и опасноста која може да ја предизвикаат кај дечињата. Тетка Бети подготви постер и заедно со дедо Зоки донесоа и бројни живи култивирани и самоникнати отровни растенија кои им ги покажаа на децата. За секое од нив, а особено за фикусот, дифенбахијата, филодендронот, божиќната ѕвезда, леандерот, сансеверијата, антуриумот, бршленот, гаврановото око и други кои ги има скоро во секој дом и двор беше раскажана мини приказна зошто се тие отровни и какви последици предизвикуваат. При тоа беше постојано потенцирано дека дечињата не смеат да ги допираат овие растенија и дека за нив треба да се грижат возрасните. Доколку сепак некое дете сака да ги залева и да учествува во нивното одгледување, тоа треба да носи заштитни средства. Во текот на оваа дискусија со дечињата, вистинско изненадување беше изјавата на едно девојченце кое кога стана збор за сансеверијата кажа дека дома имаат алое вера (која припаѓа на ист ботанички ред како и сансеверијата) и дека тоа не е отровно, туку лековито растение. Ваква реакција тетка Бети и дедо Зоки досега не слушнале ни од своите студенти. Ете со какви деца си имавме работа.

При крајот на работилницата на сите дечиња им беа доделени сликовници-боенки со упатство како да се однесуваат кон растенијата кои се отровни, а дечињата си добија задача дома да си ги обојат боенките и да ги споделат со своите родители.

На заминување од оваа прекрасна авантура, се договоривме повторно да се дружиме со дечињата, а тема би биле отровните печурки и отровните животни. Во меѓувреме КЦК и оваа градинка ќе потпишат и меморандум за соработка во рамки на која ќе бидат организирани посети на стакленикот на КЦК во ООУ „Вера Циривири Трена“ и на центрите во рамки на другите училишта, а договорена беше и заедничка посета на Зоолошката градина во Скопје со аниматори од КЦК.

Посебно чувство на задоволвосто предизвикаа изјавите на директорката и вработените во градинката дека и за нив оваа работилница била повеќе од корисна.

На крајот КЦК сака да изрази огромна благодарност до Oпштина Центар за поддшката и до градинката за топлото гостопримство. Наскоро се гледаме повторно!