Сакале ние или не, интернетот стана дел од сечие секојдневие. За жал или за среќа денес не можеме да ја замислиме оваа цивилизација без оваа универзална алатка која стана како воздух, како вода без кои едноставно не се може. Но, интернетот станува се’ почесто и алатка со која се вршат сериозни злоупотреби како на индивидуален, така и на колективен план. Затоа неговата употреба треба да биде максимално безбедна и осигурана од секаков вид злоупотреби.

Имајќи го сето ова во предвид на 06.02.2024 г. КЦК го одбележа Денот за побезбеден интернет со настан поддржан од програмата „Сајбер патеки за жени“ финансирана од УСАИД во просториите на ООУ Јан Амос Коменски. Настанот опфати низа активности за сензибилизирање на учениците за опасностите кои бдеат во интернет просторот. Преку интерактивна симулативна игра тие беа изложени на сајбер напад и на огромно задоволство успеаа многу вешто да се заштитат.

Присутните ученици и наставници беа запознаени со резултатите од  истражувањето спроведено од страна на програмата Сајбер патеки за жени  која ја води Лилјана Пецова Илиеска за  потребата од работна сила  во областа на сајбер безбедноста. Учениците на настанот имаа можност да разговараат со жени експертки за сајбер безбедност од различни институции и да се запознаат со нивните кариерни патеки и со предизвиците во нивните професии.

Најголемото  изненадување за сите присутни беше посетата на амбасадорката на САД во земјава почитуваната Анџела Агелер. Таа разговараше буквално со сите ученици и ги охрабри во изборот на кариерните патеки во насока на Сајбер безбедноста. Амбасадорката  Агелер собено ги охрабри девојките да се борат да работат на повисоки и поодговорни позиции не дозволувајќи никаква инфериорност.

Најголем „виновник“ за оваа несекојдневна работилница е претседателката на КЦК проф. Александра Бчажевска која успеа да обезбеди учество на претставници од сите релевантни институции од областа на сајбер безбедноста, но и да ги мотивира преку 30-те креативки кои пројавија огромен интерес на оваа тема. Вкупната бројка од околу 70 учесници доволно зборува за успешноста на овој настан. Одиме понатаму!