По неколкумесечно чекање на елементите (сензорите) за мерење на загаденоста на воздухот, денес 13 ученици-креативци во ФАБЛАБ лабораторијата на Факултетот за електротехника и информациски технологии започнаа со обуките за составување на мерните инструменти. Да потсетиме, КЦК од есента го реализира проектот Водно во Карпош – Карпош на Водно – воспоставување на паралелен мониторинг на загаденоста на воздухот во урбаниот дел на Карпош и на падините на Водно кои исто така припаѓаат на оваа наша општина. Проектот е финасиран преку програмата за зелени општини на Македонското здружение на млади правници со средства од ЕУ.

Во изминатите месеци додека не ни стигнаа овие елементи ги користевме мобилните инструменти на акредитирани лаборатории за мерење на загаденоста на воздухот, а покрај тоа реализиравме и неколку експедиции чија цел беше запознавање на креативците со живииот свет и географските карактеристики на нашето Водно.

Од денес влегуваме во техничката фаза од проектот во која учениците ќе треба да состават инструменти со кои сега, но и во иднина по потреба ќе може да ја мерат загаденоста на воздухот во општина Карпош. Во тоа денес огромна поддршка добивме од проф. д-р Живко  Коколански од ФЕИТ и од м-р Ефтим Пејовски кои беа организатори на работилницата „Развој на систем за мерење еколошки параметри“, а во што им асистираа дипл. маш.инж. Томислав Поповски и проф. Дивна Карапанчева.

По запознавањето со ФАБЛАБ и теоретското воведување во процесот на создавање на мерни инструменти за мерење еколошки параметри, секој од 13-те креативци денес со лемење, поврзување и програмирање создадоа мини-модели на електронски уреди со кои може да се изврши одредена функција. И покрај релативно долгото времетраење на работилницата, во ниеден момент не се почувствува дека младите креативци не уживаа во тоа што го правеа. Впрочем, за ова најдобро „зборуваат“  фото и видео записите од овој настан. Здравје, другата недела продолжуваме!