Веројатно заради продолжениот викенд при крајот на учебната година, на работилницата организирана на 3-ти јуни на Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје учествуваа само три креативки од Коменски и Трена. Но, принципот на Креативниот центар Карпош секогаш бил „Кој дошол, добро дошол“. Затоа Мелани, Јована и Ема имаа ретка можност денес да се запознаат со приказната за ДНК (дезоксирибонуклеинската киселина) која е своевиден континуитет на животот.
На почетокот професорот Зоран Поповски ги запозна присутните со некои интересни работи за ДНК, како нејзината структура, отпорност кон надворешни влијанија, улогата кај живите организми и променливоста. Потоа под диригентската палка на м-р Томе Несторовски, нашите млади истражувачки сами изолираа ДНК од банана која во форма на облаче се издвои во епруветите. По изолацијата креативките се запознаа со примената на техниките за анализа на ДНК во различни области како: медицина, фармација и се разбира во производството и контролата на храната преку бројните проекти кои се реализирале на Катедрата за биохемија и генетско инженерство на факултетот.
На крајот, заедно со батко Томе подготвија гел со кој се анализираше изолираната ДНК. И покрај успешно организираната работилница, останува помалку разочарувачкиот впечаток дека бројот на учесници на оваа работилница беше мал. Но, воедно се надеваме дека Ема, Мелани и Јована уживаа во двочасовното дружење со ДНК и можеби на некоја од нив оваа област во иднина ќе ѝ стане професија. Денес креативците ги дружеше и наставничата Александра Блажевска, претседател на Креартивниот центар Карпош.
Така ја завршуваме оваа учебна година со 5 работилници на следните теми: „Што јадеме, што пиеме“, „Сееме и садиме“, „Различни извори на енергија“, „Тајните на вајарството“ и оваа денешната „Дружење со ДНК“.
Се гледаме од септември со нови содржини.
Едно е да знаеш, а друго да умееш.