На 28 Октомври се одржа втората експедиција во рамки на проектот ВОДНО ВО КАРПОШ – КАРПОШ НА ВОДНО. Овој проект, започнат на 20.09.2023 е имплементиран од Креативниот Центар Карпош, во рамки на програмата за подгрантирање на проектот „Младински активизам за позелени општини”, имплементиран од Македонското здружение на млади правници, Здружението за одржлив развој и заштита на животна средина Гоу Грин Скопје, Центарот за климатски промени и Здружението на млади Креактив, а е финансиски поддржан од Европската унија.

Оваа експедиција повторно започна во дворот на ООУ „Вера Циривири – Трена“ па продолжи на падините на наше Водно и се состоеше од две работилници. Едната се однесуваше на продолжување со паралелно мерење на загаденоста на воздухот во урбаниот дел на Карпош и на планината Водно која во најголем дел се наоѓа на територија на општина Карпош, а другата на истражувањето на габите и растенијата на Водно.

Денешните мерења ни покажаа дека Скопје каде што припаѓа Карпош сеуште не е „инфицирано“ со загаденост веројатно заради сеуште убавото време и одлагањето на почетокот на грејната сезона со валкани енергенси. Но, и покрај тоа што вредностите и на двете локации се под дозволените концентрации на ПМ 2.5 и 10 честички, нивната концентрација на Водно е двојно помала од таа во урбаниот дел на Карпош. Во текот на мерењата стручњаците Даниел и Ефто разговараа со 11-те ученици од училиштата во Карпош за стандардите во мерењето на загаденоста, за одговорните институции, а од летниковецот помеѓу Пантелејмон и Средно Водно се виде загадувачки облак кој се ширеше од кругот на поранешната Железарница што се гледа и на сликите.

Потоа, младите креативци-истражувачи се упатија кон Средно Водно каде што попатно ги истражуваа микофлората (габите) и вегетацијата (растенијата) на планината Водно. Во оваа експедиција покрај креативците беа и професорките Бети од Земјоделскиот и Кате од Природно-математичкиот факултет, како и наставничките Дивна и Олгица.

Вредните раце на исклучително мотивираните деца собраа доволно материјал кој потоа го идентификуваа и коментираа со нивните ментори. Заради влажното време, бројот на пронајдените габи беше солиден, ама во иднина може да се очекува и многу повеќе. Додека се анализираа собраните габи се разговараше и за примена на габите во исхраната, во производството на лекови, во пчеларството и т.н. При тоа беа спомнати највкусните, но и најотровните видови во Македонија, а кои може да се најдат и на Водно.

Паралелно со истражувањето на габите, се анализираше и вегетацијата на планината Водно, а се собра и растителен материјал кој дополнително ќе се хербаризира.

Следната средба ја закажавме во лабораториите по микологија и ботаника каде што креативците ќе го микроскопираат и хербаризираат собраниот материјал, а од анкетните листови пополнети од нив може да се забележи дека сите уживаа во оваа приказна за Водно.