Убавото саботно претпладне на 9.12, младите креативци го поминаа на падините на Водно каде се запознаваа со животинскиот свет (фауната) на овие скопски бели дробови како дел од проектот ВОДНО ВО КАРПОШ – КАРПОШ НА ВОДНО. Овој проект, започнат на 20.09.2023 е имплементиран од Креативниот Центар Карпош, во рамки на програмата за подгрантирање на проектот „Младински активизам за позелени општини”, имплементиран од Македонското здружение на млади правници, Здружението за одржлив развој и заштита на животна средина Гоу Грин Скопје, Центарот за климатски промени и Здружението на млади Креактив, а е финансиски поддржан од Европската унија.

 

Десетината ученици прво си го расчистија работниот простор  каде што обично се собираме на видиковецот над манастирот Св. Пантелејмон, ја измерија загаденоста на воздухот, а потоа полека влегоа во светот на водњанските животни.

Преку користење на своите телефони и директно набљудување тие ги препознаваа животните кои „мрдаат“  на ова подрачје. Така почнаа од протозоите (амеба, чевличе и еугрена), па преку црвите, пијавиците, десетиците видови најчести инсекти (муви, комарци, бумбари, пеперутки, пчели, оси, вилини коњчиња…), преку пајаците и раковите, па се до рбетниците. Таму спомнавме бројни претставници на пастрмковидни и краповидни риби, на опашести (дождовник) и безопашести водоземци (жаби), па поминавме на змиите, гуштерите и желките од влекачите, преку десетиците видови најчести грабливи и неграбливи птици, па се до цицачите од кои ги спомнавме глодарите, копитарите, ѕверовите и т.н.

Посебна атракција беше хаската Вокс кој е полудив пес со потекло од волците, а кој стана вистински љубимец на креативците.

И така помина уште една сабота во дружење и учење на младите истражувачи од Креативниот центар Карпош.