После 8 месечна интензивна работа пропратена со голем ентузијам и дружење, КЦК го заврши проектот „ВОДНО ВО КАРПОШ – КАРПОШ НА ВОДНО“. На 18.05. (сабота) во кругот на ООУ „Вера Циривири – Трена“ се одржа завршната манифестација на овој проект со учество на 50-на ученици, наставници, научници, родители и претставници на општина Карпош.

Целта на оваа манифестација беше да се презентираат резултатите од сите реализирани активности во рамки на овој проект.

Хепенингот го отвори градоначалникот на општина Карпош г-нот Стевчо Јакимовски кој се заблагодари на КЦК што на овој начин преку програмата „Младите за позелени општини“ финансирана од ЕУ преку Македонското здружение на млади правници  дава придонес во зајакнување на свеста кај граѓаните на Карпош за значењето на Водно и потребата од негова заштита. Тој истакна дека иако општината е најголем поддржувач на КЦК, се радува што оваа НВО развива и други партнерства преку меѓународни програми, со компании и државни органи. На крајот од своето излагање, градоначалникот Јакимовски вети уште поголема подршка за КЦК во наредната година.

На почетокот на работниот дел, проф. Зоран Поповски кој е основач на КЦК, сега во својство на координатор на проектот ги презентираше сите активности кои се реализираа, а опфаќаа:

  • Монтирање на мерни инструменти за паралелно мерење на загаденоста на воздухот во урбаниот дел на Карпош и на падините на Водно кои припаѓаат на општина Карпош од страна на креативците-ученици од основните училишта од Карпош во текот на 4 работилници.
  • Паралелно мерење на загаденоста на воздухот во урбаниот дел на Карпош и на Водно преку поставување на мерни инструменти во ООУ „Вера Циривири – Трена“ и во подрачното училиште во с. Горно Нерези.
  • Организација на работилница за симулација на генерирање на загадувачки гасови во лабораториски услови и мерење на концентрација во Центарот за екологија на КЦК во ООУ„Јан Амос КОменски“ и презентирање на глобалните последици од овие гасови (кисели дождови, ефект на стаклена градина, глобално затоплување).
  • Организација на 4 експедиции за проучување на флората, фауната и габите на Водно како и запознавање со неговите хидрогеографски и климатски карактеристики; и
  • Подготовка на методски единици за Водно кои во иднина ќе се изучуваат во сите основни училишта во Карпош во рамки на предметите Природни науки и Биологија.

Потоа, пред присутните м-р Томе Несторовски – секретар на КЦК го опиша начинот на функционирање на мерните инструменти и ги упати сите присутни да се логираат на овој паралелен мониторинг на загадувањето на Водно и во Карпош преку своите мобилни телефони, што присутните со големо задоволство и го направија.

Во продолжение, проф. Елизабета Мискоска – Милевска од Факултетот за земјоделски науки и храна ја презентираше истражената флора на Водно и ги покани присутните да ја погледнат хербарската збирка на растителни видови од Водно.

Понатаму, Андреј – ученик – учесник во активностите на овој проект ги пренесе своите впечатоци од организираните експедиции во проектот во кои според него доминирале дружењето, осознавањето на нови работи и одличната соработка со повозрасните.

Во продолжените проф. Катерина Русевска од Природноматематичкиот факултет во Скопје ги запозна присутните со габите на Водно и нивниот диверзитет посочувајќи бројни јадливи, но и отровни печурки кои беа дел и од збирката која им беше достапна на присутните.

Потоа следуваше уште едно обраќање на ученик-учесник во проектот. Александар ги пренесе своте импресии од работилниците на кои ги конструираа мерните инструменти, а кои се организраа во ИНО центарот и ФабЛаб-от на Електротехничкиот факултет во Скопје.

Повторно проф. Зоран Поповски зеде збор и ги презентираше основните податоци за Водно, но и наодите од истражувањето на фауната на Водно, а прикажа и фотодокументација од посетата на Зоолошката градина во Скопје на која учениците-креативцод страна на дипл. биолог Јорданчо Милошески се запознаа со видовите животни кои живеат на Водно, а ги има во Зоолошката градина.

Работниот дел од хепенингот заврши со презентирање на методските единици за Водно за предметите Природни науки и Биологија од страна на наставникот-ментор Дивна Карапанчева од ООУ „Вера Циривири – Трена“ која ги информираше присутните дека овие содржини ќе се реализираат како дел од редовната настава и како воннаставни активности преку теренски активности и истражувања.

Пред почетокот на хепенингот, присутните ја посетија Стаклената градина во ООУ„Вера Циривири – Трена“ која е функционален дел од КЦК. При тоа претседателот на КЦК Александра Блажевска ги запозна со историјатот на КЦК, а наставничката Дивна Карапанчева со функционирањето на стаклената градина.

Во текот на хепенингот беше промовиран џингл за Водно во продукција на нашиот познат композитор Александар Масевски. Во текот на хепенингот се одржуваше сликарско-вајарска работилница под наслов „Водно како инспирација“ на која учествуваа 10-на ученици од КЦК кои под менторство на академскиот сликар Харлампие Манчев создадоа прекрасни уметнички дела кои ќе останат како трајна вредност од проектот.

Пред крајот на настнот, прекрасната водителка Марија го запраша проф. Зоран за некаква Истражувачка станица на Водно. Тоа беше извонредна можност да се промовира иницијативата за формирање на Истражувачка станица Водно во просториите на подрачното училиште во с. Горно Нерези, а која ќе служи како едукативен центар и центар за истражување и заштита на Водно. Иницијативата веднаш беше поддржана од градоначалникот на Карпош, г-дин Стевчо Јакимовски.

На крајот на присутните на хепенингот им беа поделени флаери за Водно и пропагнден материјал од проектот (капи и стикери).

Така заврши уште едно успешно патување на КЦК.