ЦЕНТАР ЗА ЕНЕРГЕТИКА И КЛИМАТСКИ ПРОМЕНИ

 

Вовед
Луѓето, во своите секојдневни активности,  отсекогаш се стремеле кон подобрување на квалитетот на живеењето и задоволување на секојдневните животни потреби, но и за зголемување на удобноста при извршувањето на работните задачи. Овој начин на живеење неминовно носи зголемување на потрошувачката на енергија, односно практично потребата за енергија со секој нов ден се зголемува. Заради ова, односно заради сѐ поголемото влијание на енергијата на квалитетот на секојдневниот живот, таа станува главниот стратешки ресурс на една држава. Но, се поставува прашањето колку е човекот свесен за фактот дека производството, транспортот и користењето на енергијата е непосредно поврзано со силно влијание врз човековата околина, односно природата. Тоа влијание по правило, скоро секогаш е негативно. Сведоци сме на директните еколошки катастрофи како што се излевањата на нафтата во морињата, киселите дождови и радиоактивните зрачења, како и на појави со индиректни последици како што е глобалното затоплување и климатските промени што е вториот сегмент за делување на овој центар. Со оглед на тоа дека енергетските потреби на човештвото ќе продолжат да растат, нужно се потребни мерки кои ќе имаат за цел да обезбедат влијанието на експлоатацијата на енергијата врз човековата околина да се сведе на најмали можни последици. Во оваа насока, а со цел да се даде придонес во подигањето на свеста за овој цивилизациски проблем, Креативниот центар Карпош, преку Центарот за енергетика и климатски промени, кој ќе работи во Опшинското основно училиште „Димо Хаџи Димов“ во населбата Влае, во одделот за енергетиката,  ќе реализира низа истражувачки  активности со предмет на интерес насочен кон карактеристиките на електричната енергија како вид на енергија, изворите на електрична енергија во Република Македонија, но и експериментално потврдување на можностите за енергетската ефикасност на ниво на семејство. Всушност, генералната замисла е, аргументирано да се  иницира процес кој ќе има за цел, менување на веќе стекнатите навики кај луѓето во делот на користење на електричната енергија.

 

Мисија
Мисијата на Креативениот центар ќе биде  да иницира промени во културата на однесувањето на учениците при користење енергија, преку менување на свеста за начинот на користење на електричната енергија. Поентата е да се актуелизира поимот „Одржлив развој“, истиот да се наметне како суштинска тема најпрво на ниво на размислување, а потоа и како начин на живеење. При тоа поимот „Одржлив развој“ ќе се настојува да биде сфатен како развој што ги задоволува потребите на на сегашните генерации без негативни последици за иднината, односно без да се загрози можноста идните идните генерации да ги задоволат своите потреби. Мотото на Креативниот центар за енергетика и климатски промени ќе биде:

„Планетата земја не сме ја наследиле од нашите претци, туку сме ја позајмиле од нашите деца“

Исто така, планираните активности ќе се реализираат низ призмата на енергетската ефикасност, односно со перманентно поставување на две клучни прашања:

 

  1. Зошто е важна и актуелна енергетската ефикасност?
  2. Кои се придобивките од примената на енергетската ефикасност?

 

Одговорот на овие прашања ќе се бара низ реални испитувања и сознанија добиени преку реализирање експерименти кои треба да ги потврдат претходно поставените хипотези, при тоа поминувајќи низ фазите на воочување и решавање на проблемот, со епилог во последната фаза – верификување на поставената хипотеза.

Делот за климатски промени ќе има за цел преку секојдневни истражувања на климатските услови во општината Карпош да го актуелизира овој проблем пред младите и да се обидува низ различни облици на активност истиот да го истражува. Во тој смисол е воспоставена со работка со Центарот за храна и Центарот за екологија.

 

Просторни и технички претпоставки

Се планира активностите да се реализираат во кабинетот по ОТО во ООУ „Димо Хаџи Димов“, но и надвор од него во форма на теренски активности. Кабинетот, како простор, ги задоволува потребите за реализација на предвидените истражувања кои се базирани пре сѐ на резултати добиени од соодветни експерименти. Во однос на техничките препоставки  покрај постоечката опрема во училиштето, набавени се комплети за конструирање на ветерници, воденици, соларни ќелии, а во кругот на училиштетот ќе биде инсталирана и мини метеоролошка станица.

 

Стручен тим

  • Проф. Јане Ангеловски
  • М-р Ефтим Пејовски
  • Дипл. инж. Кирил Ристевски