Драги наставници,

Веројатно сте свесни колку судбини на млади луѓе биле, се и ќе бидат во ваши раце занимавајќи се со оваа благородна професија. Веројатно сте некогаш и незадоволни што вашиот труд не е вреднуван толку колку што заслужува. Но, најважно од се е во текот на вашата мисија да создавате генерации на ученици кои ќе се борат за подобра иднина. И сопствена и заедничка.

Вие добро знаете дека работата со учениците во училниците и кабинетите е незаменлива, но не е доволна. Дека времето за креативна работа со вашите ученици ви е окупирано од некогаш непотребно администрирање, теоризирање и пренесување на некогаш неважни информации со кои бесцелно ги полните нивните глави. Но, тоа толку многу пати е кажано и сега веќе е непотребно да се дообјаснува и прераскажува.

Несомнено е дека голем дел од вас кои се занимавате со оваа професија, ги сакате децата и сакате од нив да направите среќни и успешни луѓе. Но, вашата љубов кон децата не подразбира само убав збор, внимание, трпение или милување по главата. Напротив, многу поважно е кон нив да покажете повеќе посветеност и предаденост кон нивните интереси и особено кон нивната евентуална љубопитност.  А тие две работи повторно зависат од вас. Вие со својот однос, знаење и креативност сте клучната алка во развивањето на интерес и љубопитство или во создавањето одбојност кон областа со која се занимавате. Од тоа колку вие ќе успеете да ја доближите вашата дисциплина преку пракса и интересна настава, ќе зависи и интересот на вашите ученици.

Затоа го формираме Креативниот центар Карпош кој ќе биде место каде што вашата посветеност и креативност ќе дојдат до полн израз. Техничките можности и стручната подршка што ќе ви ги стави на располагање КЦК треба да ви помогнат во осовременување на наставата, унапредување на практичната работа и успешна реализација на воннаставните активности. Тој нека ви послужи повремено да излегувата од секојдневната наставна рутина и да поработите со учениците кои за вашата област пројавуваат интерес и љубопитност.

Секое прашање од децата, секоја нивна иницијатива, секој замислен и реализиран експеримент ќе биде огледало и на вашата работа. Некои од тие деца ќе станат многу успешни во своите професии и тие секогаш ќе се сеќаваат на вашиот придонес во нивниот професионален развој. Тоа е бездруго убаво чувство, можеби едно од највозвишените. Да си горд на своите ученици, а тие секогаш да те чуваат во убави спомени.

Е па драги наставници, предизвикот е пред вас. Нека КЦК биде појдовната станица на возбудливото патување со вашите ученици низ светот на науката и уметноста. Вие сте пилотите во овие летала кои ги создадовме во рамките на креативниот центар, а Ваши копилоти и помошници ќе бидат Вашите заинтересирани и надарени ученици. Контролата на летањето и навигацијата ќе бидат во рацете на бројните експерти и научници кои безрезервно се ставаат на располагање во остварувањето на мисијата на КЦК.

Затоа, ајде сите заедно да го започнеме патот кон непознатото кој воедно ќе биде и борба против лажните вредности и отуѓувањето  на младите кое секојдневно ни се случува пред очи и ги доведува во опасност новите генерации.