Драги ученици,

Секојдневно читате, слушате и учите за електрони и протони, атоми и молекули, за нуклеарна енергија и атомски бомби, за вируси и гени, за животни процеси и стареење, за сигналите од  космосот и меѓупланетарните патувања, за радарите и телескопите и за мнооогу други работи кои се дел од современата наука. Иако силно развиена, таа сеуште крие многу тајни до кои човечкиот ум сеуште не допрел. Од друга страна, креирањето на уметнички вредности (звучни, визуелни, духовни) е непрекинат процес во кој постојано се откриваат нови форми и содржини. Сеуште човештвото се соочува со прашалници и извичници за многу појави во светот на науката и уметноста кои сеуште бараат љубопитност и креативност за да бидат откриени, докажани или создадени. Љубопитност и креативност! Тоа се двете човечки карактеристики кои цивилизаацијата постојано ја водат напред.

А вие младите не треба да се срамите од својата љубопитност и не треба да ја криете вашата креативност. Напротив. Тие ќе ве извлечат надвор од овие „модерни“ играчки кои колку што ве „информираат“ толку и ве отуѓуваат создавајќи незабележливо од вас зависници од сомнителни вредности.

Затоа го формираме Карпошевиот креативен центар кој сака вас учениците да ве однесе во еден друг свет, во возбудливиот свет на науката и уметноста. Вашата желба за нови сознанија наликува на уметниците и научниците кои никогаш не ја изгубиле младешката љубопитност и кои постојано се одушевуваат од осознвањата како и зошто нешто се случува или како нешто се создава и пренесува. ККЦ сака да пренесе дел од тоа возбудливо патување на кое секогаш се наоѓаат луѓето кои истражуваат и творат. ККЦ сака да јаа поттикне вашата фантазија и да сфатите што е тоа креација, што е тоа наука, каков е нивниот дух, какви се нивните алатки и методи и што може да се постигне со нив.

Можеби токму вие еден ден ќе станете научник кој ќе биде постојан патник низ светот на непознатото, па затоа сега треба ве интересира што работат математичарите, физичарите, хемичарите, лекарите, биолозите, уметниците, геолозите, историчарите или инженерите. И не само тие туку и музичарите, глумците, сликарите, филмаџиите и другите креативци. Така полека ќе разберете дека границите меѓу основните научни дисциплини стануваат незабележливи па ќе слушнете за термини како што се: биохемија, астрономија, филмска музика, биофизика, мултимедијална претстава, геофизика и т.н. ККЦ ќе ве однесе на границата на креативниот свет од каде вие ќе си го одберете вашиот правец водејќи се од сопствениот интерес и повторно љубопитност.

Треба да знаете дека научниците се сосема обични луѓе, не се богови, ниту волшебници или чудовишта. Малкумина од нив се вистински генијалци, а најголем дел се интересен спој на сериозност во работата и младешка љубопитност во размислувањето.

Ако вие младите сакате да станете научник или инженер, денес имате огромни можности.  Но, најпрвин треба да се подготвите и преку вашето образоваание длабоко да навлезете во светското „море“ на сознанија или т.н. научно наследство кое е акумулирано со милениуми. И тоа не треба да го правите само преку наставата во училиште и преку учебниците. Излезете малку и надвор од таа рамка која е тесна за љубопитните и креативните.

Треба да знаете дека и покрај многуте возбудувања и радости, тоа не е воопшто лесна работа. Напротив, ќе ви треба многу трпение, знаење и труд за да станете дел од волшебниот свет на науката и креативноста. Е па драги ученици, нека ви е со среќа.