Често се вели, едно е да знаеш, а друго да умееш. Во време на апсолутна достапност до секакви информации, образованието засновано само на предавања и теорија губи секаков смисол. Од друга страна, многумина велат дека во едукацијата треба пракса, ама тоа воглавно останува на зборови.

А КЦК не бил тоа што е, ако не помине од зборови на дела. И така денес во ООУ “Јан Амос Коменски”, КЦК подели преку 2600 сетови за експериментирање во наставата по хемија. Тоа значи дека сите ученици од осмо и деветто одделение кои имаат настава по хемија, ќе можат да направат по 5 експерименти поврзани со наставните единици кои ги изучуваат.

Креатор на овие сетови е д-р Методија Најдоски – професор по експериментална хемија од ПМФ во Скопје. Ако минатата година со еден сет работеа четири ученици, оваа година ќе работат по двајца, во надеж дека догодина секој ученик ќе си има свој сет за експериментирање.

Што значи ова за учениците и наставниците кои ќе ги користат овие сетови? За наставниците тоа е одлична можност да ја освежат наставата со пракса, а за учениците магнет кој можеби некои од нив ќе ги однесе во нивната идна професија.

Покрај овие сетови, големиот пријател на КЦК, Проф. Најдоски пред наставниците демонстрираше уште неколку други експерименти кои тие лесно ќе можат да ги покажат пред своите ученици.
Со ова и со се’ друго што прави во Карпош, КЦК прави револуција во образованието.

На крајот, уште една голема благодарност од КЦК до градоначалникот Стевчо Јакимовски кој со години во КЦК гледа партнер за унапредување на наставата во општина Карпош.
Одиме понатаму!