Културата за безбедно користење на електричната енергија е една од најважните работи која треба да се гради уште од најрана возраст. Во функција на оваа потреба, КЦК ќе организира во иднина серија работилници со работен наслов „Мерки за заштита од струен удар“.

На 21. 12. 2024 година во ООУ „Војдан Чернорински“ се одржа првата на тема Современ технички уред за заштита од струен удар во електричните инсталации чии организатори беа проф. Ефтим Пејовски и проф. Ивица Шпољариќ од средното електро-техничко училиште „Михајло Пупин“ во Скопје, а присутните ги поздрави основачот на КЦК, Зоран Т. Поповски.

На почетокот преку серија од инсерти 12-те креативци од 7 училишта од општина Карпош беа запознаети со несреќи и последици од струјни удари предизвикани од различни причини.

Целта беше низ практична работа со учесниците да се дојде до одговор на следниве прашања: како изгледа уредот ФИД склопка кој е клучен за заштита од струјни удари, каде се монтира, како фунционира, како се контролира неговата функционална исправност и што е разликата меѓу ФИД склопката и осигурувачите во електричната инсталација.

Под менторство на проф. Ефто и проф. Ивица, креативците покажаа високо ниво на вештини во монтирањето на оваа склопка, проверка на функционалноста и мерењето на нејзината работа.

Едно е да знаеш, а друго е да умееш. Одиме понатаму!