По минатогодишното воспоставување на паралелен мониторинг на загаденоста на воздухот во урбаниот дел на Карпош и Водно од страна на КЦК, борбата на кмладите креативци против загадениот воздух продолжува понатаму.

Овојпат за првпат во своето десетгодишно постоење КЦК во соработка со Народна техника ја реализираше работлницата „Создаваме филтри за заштита на воздухот“. Под менторство на чичко Веле Нелковски, но и под будното око на нашата неуморна наставничка Дивна, 20-ина ученици скоро од сите основни училишта од Карпош учествуваа во изработка на модели на филтри кои може да се користат за различни намени.

Вештите раце на младите креативци за неколку часа создадоа филтри од активен јаглен и перлит спакувани во тела на филтрите кој исто така сами ги конструираа. Во текот на групната работа видлив беше ентузијазмот меѓу младите и новите познанства кои се воспоставуваа помеѓу нив.

По изготвувањето на филтрите следуваше проверка на нивната ефикасност. За таа цел во соработка со чичко Ѕвонко најпрво се проверуваше чистотата на воздухот од СО2 и од ПМ честички со користење на соодветен уред. Потоа филтрите се поставуваа на ауспух од автомобил при што се мереше концентрацијата на овие параметри пред користење и после користење на изработените филтри од страна на учениците. Разликите беа очигледни, што укажува дека вакви едноставни филтри во иднина може да бидат одлична алатка во борбата против загадениот воздух во различни ситуации.

Што постигнавме денеска? Младите креативци директно преку принципот “learning by doing” создадоа филтри за заштита на воздухот, но во исто време тие ја подигнаа сопствената свест и ќе бидат промотори за подигнување на јавната свест за важноста од борбата против загадениот воздух кој според статистиките секоја година во Македонија одзема 3.500 – 4.000 животи.

А што да се каже на крајот? Уште едно прекрасно саботно претпладне во дружба на младите со науката, техниката и иновациите и голема благодарност до Веле и Ѕвонко за нивната гостопримливост.