Ова саботно претпладне 15-тина креативци под кустовската палка на проф. Јасмина Атанасова Симјаноска беа во посета на Хавзипашините конаци и Скопскиот вијадукт.

Хавзипашините конаци се наоѓаат во атарот на село Бардовци и датираат од почетокот на XIX век, односно од пред околу 200 години. Тоа е своевиден комплекс во кој се наоѓал имотот на Хавзи паша. Тој се состои од ѕидини на кои има 8 кули зад кои имало објекти за живеење (конаци) посебни за машките и женските членови на фамилијата, потоа добро заштитена ризница во која се чувало богатството и други придружни објекти. Денес овој своевиден османлиски дворец е бааги запуштен и е во владение на Кинотеката на Македонија која не ни овозможи да го видиме одвнатре. Нека им служи на чест.

Втората дестинација на оваа своевидна археолошко-архитектонска експедиција беше скопскиот аквадукт. Тоа е објект за чија изградба постојат контраверзи околу неговата возраст. Некои сметаат дека тој датира од римско време  како предвесник за старата римска населба – Скупи. Втората претпоставка е дека аквадуктот е дело на византиците, но сепак најизвесна е хипотезата дека аквадуктот е граден од османлиите заради довод на вода до клучните објекти во тогашното Скопје. Креативците избројаа 52 лака (арки) од кои дел се реставрирани. На крајот младите археолози своите визуелни импресии ги пренесоа во цртежи од аквадуктот.

Како и да е, уште еден прекрасен викенд за Креативниот центар Карпош и неговите членови.