Во услови на глобална енергетска криза, на 20-ти мај (сабота) КЦК организираше работилница со работен наслов „РАЗЛИЧНИ ИЗВОРИ НА ЕНЕРГИЈА“ чија главна цел беше развивање на енергетската култура кај учениците и свеста за рационално користење на енергија преку креирање на модели кои користат енергија од различни и обновливи извори.

Младиот инженер – енергетичар Јована потпомогната со младиот машински инженер – дизајнер Томислав во својство на аниматори, на почетокот продискутираа со учениците – истражувачи за: основните енергетски поими, глобалната енергетска состојба во светот, но и во Македонија како и за потенцијалните извори на енергија.

Во оваа интерактивна дебата, со ретки исклучоци учествуваа сите 14 ученици од 6 основни училишта на територија на општина Карпош и тоа од: „Аврам Писевски“, „Братство“, „Вера Циривири Трена“, „Војдан Чернодрински“, „Димо Хаџи Димов“ и „Јан Амос Коменски“. Тие потоа под менторство на Јована и Томи поделени во три групи конструираа модели за производство на енергија од вода, ветер и од Сонцето. Освен што ги конструираа моделите на мини ветерница, соларен колектор и мини хидроцентрала тие се запознаа и со принципите на претварање на енергијата добиена од овие различни извори во механичка работа.

На крајот тие меѓусебе си ги споделија искуствата објаснуваји кој-што направил и што научил. Како и секаде и во оваа извонредна група на креативци имаше имаше еден „заскитан“ истражувач, ама останатите покажаа одлично ниво на интерес и се надеваме дека на некои од нив им отворивме прозорец кон нивната идна професија.

Домаќин на оваа работилница беше ООУ „Димо Хаџи Димов“ од Влае во чии рамки се наоѓа Центарот за енергетска ефикасност и климатски промени како дел од КЦК. КЦК изразува голема благодарност за гостопримството, во надеж дека наскоро повторно ќе се дружиме.

Одиме понатаму. Едно е да знаеш, а друго да умееш.