Со работилницата одржана на 20.11.2024 година заврши циклусот работилници/посети кои ги организираше КЦК во соработка со детската градинка „Кочо Рацин“ од Скопје.

По заедничкото „патување“ низ Природонаучниот музеј во Скопје и експериментирањето во стаклената градина на КЦК која се наоѓа во ООУ „Вера Циривири – Трена“, овој пат причина за дружбата беа отровните растенија и важноста на витамините во исхраната, особено на дечињата. 

За таа цел, д-р Елизабета Мискоска – Милевска, професор по ботаника на Факултетот за земјоделски науки и храна од Скопје и основачот на КЦК, проф. Зоран Поповски одржаа работилница пред повеќе од 60-ина дечиња запознавајќи ги со ратенијата од нивното најблиско окружување кои заради својата отровност можат да бидат опасни за нивното здравје. Така преку живи примероци, хербарски материјал и слики од леандер, бршлен, фикус, антуриум, сансеверија, хризантема, филадендрон и други растенија на дечињата им беа дадени упатства како да се однесуваат кон овие растенија за да се заштитат. При тоа им беше објаснувано за можните последици кои овие растенија може да ги предизвикаат врз здравјето, како што се алергиите, повраќањето, дијареата, отежнатото дишење, па дури и смртта како закана.

Во продолжение гостите со дечињата поразговараа за важноста од консумирање овошје и зелечук, особено за витаминот Ц за кој беа напревени и експерименти низ кои се докажа улогата на овој витамин во заштитата на здравјето.

Изненадувачки, овие дечиња на возраст од 4-5 години покажаа високо ниво на познавања за растенијата, но и за витамините. Затоа беше вистинско задоволство да се биде во друштво на овие умни главчиња со кои КЦК и во иднина ќе соработува.