Мај е месец во кој интензивно се уредуваат дворовите, се подготвуваат градинарски култури во бавчите, а клучни активности се сеењето и садењето. Така и во Стаклената градина на Креативниот центар Карпош која се наоѓа во ООУ „Вера Циривири – Трена“ денес се случи работилницата под работен наслов „Сееме и садиме“.

Домаќин на 16-те креативци од основните училишта: „Братство“, „Аврам Писевски“, „Вера Циривири – Трена“, „ВладоТасевски“, Христијан Тодоровски – Карпош“ и „Лазо Трповски“  беше секогаш инспиративната и неисцрпна во своите идеи, наставничката Дивна Карапанчева. Таа за учениците – истражувачи подготви дел од експериментите кои вообичаено ги изведува во рамки на стаклената градина во текот на целата година, а денес требаше да се изведат на неколку станици.

Така креативците од една група направија импровизирана вертикална градина која се состоеше од 4-5 вертикално поставени жардиниери кои зафаќаат мала површина во кои садеа различни зеленчукови семиња. Другата група правеше самонаводнувачки саксии од пластични шишиња во кои садеа различни растенија на кои заради иновацијата нема да треба постојано да се полеваат. Третата група садеше жито / пченица на различни подлоги, а и самите ученици си направија свои комбинации на подлоги. Четвртата група садееше проникнат компир, а на младите истражувачи им беа претставени експрименти за симулација на кисели дождови, различно време на проникнување садење на различни семиња од иста култура и др.

По поставените експерименти беше договорено преку веб страната на КЦК и во електронска комуникација креативците да се информираат за текот на процесите на никнење на посеаниот и посадениот материјал.

На крајот основачот на КЦК Зоран Поповски ги запозна креативците со современите технологии на размножување на растенијата преку култура на клетки и ткива и генетски модификации. При тоа се разговаше за разликите меѓу комерцијалните (хибридни) и семињата од автохтони зеленчоци, за трајноста на семето и неговото користење за палеонтолошки истражувања, создавањето на ген – банки и т.н.

Дека не им беше досадно на креативците покажуваат и сликите и видеата кои следуваат.

Наскоро повторно се гледаме, на некоја друга работилница, во некое друго училиште

Едно е да знаеш , а друго да умееш.