На 2 ноември 2024 година, во Центарот за енергетска ефикасност и климатски промени во ООУ „Димо Хаџи Димов“ Карпош, Скопје, се одржа работилница на тема „Трансформираме енергија“, организирана од КЦК. Работилницата ја организираа Јована Сибиновска, електро инженер, енергетичар и Томислав Поповски, машински инженер кој помогна во координација на активностите.
Јована ги воведе креативците во основите на енергијата, нејзините извори и облици. Потоа се отвори дискусија за трансформирање на енергијата од еден облик во друг, во која учесниците активно се вклучија. Учениците покажаа особен интерес за темата, но и солидно почетно знаење за истата, посочувајќи реални примери. Како вовед во практичниот дел кој следеше набрзо, дискутиравме за климатските потреби и ефектот на стаклена градина од кој произлегува потребата од обновливи извори на енергија во денешницата.
Учесниците на работилницата беа поделени во три групи, од кои секоја составуваше модел и тоа: ветерница која напојува мала светилка, возило кое работи на сончева енергија и воденица која ја користи енергијата на водата. На крајот секоја група ги посочи трансформациите на енергија кои се потребни за нивниот модел да ја извршува функцијата за која е наменет. Начинот на кој учесниците можеа да дојдат до заклучоци преку активна дискусија, поставување на прашања и учество во составување на практични примери покажува дека оваа тема е навистина интересна за нив.
КЦК е горд на своите млади соработници кои на еден инспиративен и интерактивен начин ја доближуваат науката до креативците.
Одиме понатаму!

