Изминатата недела КЦК се дружеше со дечињата од градинката “Кочо Рацин”. Во средата тие беа гости во Природонаучниот музеј во Скопје, додека во четвртокот ја посетија стаклената градина на КЦК во ООУ ” В. Ц. Трена”.
Вистинско задоволство беше да се биде во друштво со тие умни главчиња кои зрачеа со љубопитност, но и со зачудувачко знаење за таа возраст.

Во музејот нивен домаќин беше неуморниот кустос-доајен Зоран Николов на кого му се придружи и основачот на КЦК, Зоран Поповски. Низ игра на зборови и дооолга прошетка, дечињата полека влегуваа во светот на билките, габите и животните, а преку фосилите се запознаа и со животните кои пред стотици илјади години живееле на овие простори. Низ одговорите на прашањата можеше да се забележи дека овие деца се светла иднина на Македонија, само треба да ги задржиме тука.

Следниот ден, друга група од исто така 30-на дечиња беше во посета на стаклената градина на КЦК во ВЦТ, каде повторно ги пречека основачот на КЦК З. Поповски, а нивна домаќинка беше креаторот на стаклената градина, наставничката-ментор во ВЦТ, Дивна Карапанчева. Десетиците поставени експерименти со растенија и разговорите со дечињата, се надеваме дека ќе остават неизбришлива трага во нивните бистри главчиња. Македонија има иднина.