Традиционално, и оваа година креативците ја истражуваа хемијата на храната и водата. 15-на ученици од училиштата во Карпош под менторската палка на м-р Томе Несторовски од Институтот за контрола на храна при Ветеринарните факултет откриваа што јадеме и што пиеме. Секој од нив индивидуално реализираше десетина експерименти преку кои ги докажуваа хлорираноста на водата, како и нејзината можна контаминација со амонијак и нитрити. Понатаму, ги докажуваа протеините во белката преку обоени и таложни реакции, нерастворливоста на маслото во вода и растварањето во различни растворувачи, докажуваа скроб во брашно и шеќери во мед, за на крај да го докажат и благотворното дејство на витаминот С. Сите овие истражувања се реализираа во лабораториите на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје. За време на работилницата, креативците на тема храна и вода разговараа со проф. Зоран Поповски од Факултетот за земјоделски науки и храна. Уште едно прекрасно саботно претпладне во дружење со КЦК.