10 години, 1 деценија. Малку или многу? Сеедно, вредно е да се обележи. Пред десет години искрата на љубопитност и креација се претвори во оган кој сеуште гори. И ќе гори.

Во 2015-та година се случи Креативниот центар Карпош. Се случи мини-револуција во образованието во општина Карпош. Во услови кога сите училиште во Карпош беа реновирани, и кога солидно се опремија, беше неопходна додадена вредност. Нешто по што општина Карпош стана уникатна не само во земјата, туку и многу пошироко. Е таа додадена вредност беше Креативниот центар Карпош, или едноставно КЦК. Во КЦК се случи една синтеза на младешкиот интерес кон непозното, ентузијазмот на неколку наставници и желбата на неколку научници и уметници креативноста и науката да ги доближат до најмладите. КЦК стана незаменлива латка за откривање, следење и развој на надарени деца за занимавање со креативна работа од сите области на науката и уметноста.

Денес, после 10 години во багажот на КЦК има преку 1500 ученици кои го истражувале и работеле тоа што ги интересира на повеќе од 100 работилници, десетици обучени наставници за работа со надарени деца, илјадници сетови за експериментирање со кои се оплемени наставата во сите основни училишта во Карпош, снимен документарен филм, неколку реализирани истражувачки проекти, објавени стотици постови и текстови за КЦК; негова промоција на бројни собири во земјата и во странство  и мноооогу дружби и другарства.

Е заради сето тоа на 22-ри септември во холот на ООУ „Владо Тасевски“ во Козле се собраа над стотина протагонисти и пријатели на КЦК за да го прослават неговиот јубилеен 10-ти роденден. На прославата повторно во главна улога беа учениците-креативци кои демонстрираа дел од експериментите и истражувањата кои ги реализираа во рамките на работилниците поддржани од своите наставници и од искусни творци во науката и уметноста. На прославата се обратија и главниот подржувач на КЦК, градоначалникот на општина Карпош Стевчо Јакимовски и претседателката на КЦК Александра Блажевска, но и ученици кои ги споделија своите искуства од работата во КЦК.

КЦК за среќа во изминатата деценија создаде нераскинливи партерства со бројни организации, институции, компании и поединци на кои во текот на обележувањето на јубилејот им се заблагодари со статуетки и благодарници. Во рамки на прославата беше промовиран и првиот број на списанието „Креативци“  како своевидно огледало на постоењето и работата на КЦК, а воедно беа промовирани и џинглот и спотот за КЦК.

На крајот присутните си ветија дека приказната за КЦК не завршува тука, туку оди понатаму уште побрзо до некој следен јубилеј.