Со денешната работилница, КЦК ја покажа и својата хумана димензија. Имено, денес креативците беа во посета на стационарот за бездомни кучиња во рамки на претпријатието  Лајка. Во подготовка на работилницата креативците во организација на наставничката  Дивна Карапанчева собраа големо количество ќебиња, јастуци, храна и други добра за животните. Домаќини на денешниот настан беа чичко Јоцо, поранешен директор на Скопје зоо и чичко Горан, ветеринар во стационарот. 25-те креативци уживаа во друштво на овие навидум осамени суштества кои во Лајка си го нашле својот дом. Уште на влезот, креативците ги пречекаа 10-на кучиња- домаќини кои иако пуштени беа многу пријателски настроени кон нив. Во стационарот се запознавме со процесот на вдомување на животните преку заловување, потоа со карантинскиот период во кој се прегледуваат, па со нивната стерилизација и кастрација, за на крај се се посетат и живеалиштата на кучињата. Во моментот во стационарот имаше над 180 животни од кои некои се заловени, некои оставени од своите сопственици, а некои се одземени од борби меѓу кучиња. Во текот на работилницата креативците уживаа во друштво на овие четвороножни бездомници, а активно учествуваа и во разговорите со домаќините. На крајот остана впечатокот дека и покрај тоа што станува збор за судбина на бездомници, тие се сепак целосно збринати и очекуваат да бидат вдомени од добри луѓе како би се создале места за нови жители на стационарот. Уште еден прекрасен ден во КЦК.🐕