И во ова време-невреме кога има други “приоритети”, КЦК продолжува со својата мисија. Годинава покрај Карпош и општина Центар му го сврте грбот на КЦК, ама тој не се предава.
Така денес во градинката Н.Н.Борче, КЦК се дружеше со најмладите преку работилница насловена како “Весела наука”. Професорите Бети и Зоки од Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје преку десетина експерименти и демонстрации си играа наука со 40-ина мудри главчиња. Вулкан од пена, компир што произведува струја, прочистувач на вода, магичното дејство на витаминот С, работа со метеролошка станица, трката со Жаре желката, во светот на бубачките, садење пченица и краставица, како работат моторите беа дел од оваа игра.
Според изразите на нивните лица, овие умници уживаа во светот на науката. Изненадувачки е колку овие дечиња се потковани со знаење на 5-6 години.
Македонија има иднина. Одиме понатаму!