Во текот на септември, потпретседателот на КЦК, Томи Поповски учествуваше на проектот “Creativity comes from fairytales” финансиран од страна на ЕУ преку програмата Еразмус+. Па ни помалку, ни повеќе туку на проект кој се реализираше во т.н. Hobbit houses зад планината Велебит во близина на Госпиќ во Хрватска. Станува збор за проект чија цел е споделување на искуства поврзани со традицијата, исхраната и начинот на живот помеѓу учесниците кои доаѓаа од Турција, Полска, Литванија, Македонија, Хрватска, Италија и Романија.

Во таа размена на искуства помеѓу невладини организации од споменатите земји се најде и КЦК од чија мисија и активност беа без исклучок сите одушевени.  Промоцијата на КЦК беше реализирана преку подготвен Инфо-банер од страна на нашиот Томи на кој беа претставени сите достигнувања на КЦК во изминатите 4 години. Голем дел од триесетината учесници пројавија интерес за воспоставување соработка со нашата организација, особено за конкурирање со заеднички проекти на меѓународни повици за финансирање на НВО.

Посебна приказна претставуваа живеалиштата на учесниците кои се наоѓаа во местото Башке Оштарије, Камп Велебит на т.н. улица “Crobitton Avenue”. Тие беа вкопани во земја, покриени со вегетација и делуваа безвременски. Интересен факт е што и покрај ниските вечерни температури, во самите куќички не се чувствуваше зимска атмосфера, благодарение на одличната топлотна изолација. Имено, во овој случај земјата покрива 5 од вкупно 6 површини.

Инаку, секоја вечер се подготвуваа традиционални оброци од земјите учеснички, а за истакнување е фактот дека после македонските специјалитети сите преживеаја. За освежување и разладување (ама буквално) учесниците „рипнаа“ преку Велебит уживајќи во ладните Јадрански води во Карлобаг. Еден од ретките кој не му прости на во овој период од годината ладниот Јадран, беше и нашиот Томи.

Бидејќи секогаш сликите зборуваат повеќе од пишаниот збор, ве покануваме да уживате во галеријата од првото учество на КЦК во проект од Еразмус+ програмата.