На 15.03. наши гости беа учениците и наставниците од Средното земјоделско училиште „Орде Чопела“ од Прилеп со нивните гости од Италија и Шпанија кои заедно учествуваат во реализација на проектот “Being a biomarker, no passport needed”. Иницијатори на оваа посета беа наставниците Каролина Дамјаноска и Ѓорѓија Гагалески и директорката Анета Пејоска
Вообичаено како добар домаќин КЦК ги отвори вратите на стакленикот во ООУ „Вера Циривири Трена“ како дел од Центарот за производство и контрола на храна во состав на КЦК. Во него, од страна на учениците – истражувачи гостите беа запознаети со тековните активности и експерименти кои се одвиваат во стакленикот за чија изградба и одржување најголем „виновник“ е наставничката Дивна Карапанчева. На присутните им беа претставени стотина растителни видови (зелечуци, житарици, украсни и лековити растенија, како и некои диви видови кои се обидуваат да ги одгледуваат во пластеникот). Гостите, особено тие од странство беа пријатно изненадени од постоењето на ваков експериментално-едукативен простор, од организацијата и особено од ентузијазмот на учениците и нивната наставничка Дивна. Нашите КЦК домаќини, покрај познавањата од областа на биолошките науки, покажаа и завидно ниво на владеење со англискиот јазик.
По оваа посета, за гостите беше организирана презентација на експерименти под наслов „Спектакуларна наука“ на Институтот за хемија при ПМФ од страна на нашиот голем пријател и поддржувач професорот Методија Најдоски. Тој со своите виртуозни идеи демонстрираше бројни хемиски и физички експерименти од кои им застана здивот на присутните во големиот амфитеатар. Звучните и визуелните ефекти, пропратени со забавни објаснувања беа вистински магнет за вниманието на учениците и наставниците.
Посетата на КЦК и неговите пријатели заврши со прием на Факултетот за земјоделски науки и храна каде што добредојде им посакаа продеканките проф. Кабрамова и проф. Јанеска-Стаменковска кои присутните ги запознаа со мисијата на факултетот и можностите кои ФЗНХ ги нуди на идните студенти. На крајот гостите ја посетија Катедрата за биохемија и генетско инженерство каде што од страна на основачот на КЦК, академикот Зоран Поповски беа запознаено со истражувањата во лабораториите за молекуларна биологија и ГМО каде што за миг ги внесе во магичниот свет на ДНК и протеините.
Така и овој пат, со организацијата на овие посети КЦК само ја потврди оправданоста за своето постоење кое за жал сеуште не е доволно препознаено од авторитетите кои само ќе треба да ги искористат потенцијалите на нашата организација.
И на крај, како што обично велат, „една слика илјада зборови“, Ве оставаме да уживате во фото записите од овие настани.