Во текот на мај Центарот за храна при КЦК во соработка со Земјоделскиот институт, компанијата „Евгени“ и земјоделски производители од субурбаните делови на општина Карпош интензивно подготвуваше проект со кој конкурира пред Глобалниот еколошки фонд на програмата за мали грантови. Целта на проектот е да се возобнови користењето на традиционални сорти зеленчук кои се чуваат во ген-банката на Институтот, а при тоа на производителите од Нерези, Бардовци и Злокуќани да им помага компанијата „Евгени“. Првата година би требало да се посадат десетина сорти пиперки на мали парцели кај фармерите, од кои во втората година ќе се направи избор на две од страна на секој производител и ќе се посадат поголеми површини за комерцијално производство. Од друга страна, во пластеникот на Центарот за храна кој се наоѓа во ООУ „Вера Циривири – Трена“ по успешната прва година од производството на домати, краставици и пиперки ќе бидат посадени исто така традиционални сорти зеленчук со кои ќе работат младите истражувачи од Креативниот центар Карпош. На ваков начин ќе се анимираат и едуцираат младите за производство на храна. Во рамки на проектот ќе се вршат анализи на почвата на наште фармери-партнери, а ќе бидат организирани и обуки за ученици, наставници и други фармери. Во текот на реализацијата ќе се поврземе и со други општини кои би биле заинтересирани да ги применат нашите стекнати искуства. Се надеваме дека овој проект ќе биде препознаен од страна на финансиерите како нешто корисно и одржливо и здравје од 2018 да почнеме со негова реализација.