Авантуристичкиот дух кој владее во КЦК е нескротлив и овој пат беше причина за организација на рафтинг по Вардар и тоа во неговиот највозбудлив и најопасен дел од Скопје до Велес. За таа цел на 10 јуни КЦК во соработка со Планинарското друштво „Агроном“ и Планинарско-спортското друштво „Елема“, а со поддршка од општина Карпош и Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје организираше спуштање на 13 храбри истражувачи по нашата најголема река. Така Зоки, Пајо, Тони, Томи, Жане, Ане, Маја, Дени, Снешка,  Ѓоко, Пина, Дина и Иво се одважија и ја поминаа делницата од Зелениково до центарот на Велес. Секако најопасен дел беше местото наречено Бук кое се наоѓа во неопсредна близина на тунелот кај железничката станица „Рајко Жинзифов“ кое наликува на брзаци од најопасните реки во светот. Со наполнети чамци и насмевки на лицата, истражувачите го поминаа ова возбудливо место, а потоа малку се „скаравме“, а оние најхрабрите не му простија на Вардар и се избањаа. Како и да е, ова е незаборавно доживување за учесниците на Рефтинг регатата „Вардар 2017“. Повторно се гледаме наскоро.