После неколкугодишното игнорирање од страна на општина Карпош, Креативниот центар Карпош се враќа таму каде што припаѓа – во Карпош. Еден „случаен“ минувач низ општината, го прогласи КЦК за политичка творба. За среќа во тој период и во услови на пандемија, КЦК не згасна туку продолжи со својата мисија поддржан од други компании и органи. Но, тоа е само лош сон и сега се враќаме во реалноста. А реалноста и иднината на КЦК во Карпош се светли.
Имено, старо-новиот градоначалник на Карпош – Стевчо Јакимовски кој во претходниот мандат ја препозна уникатноста и неопходноста од КЦК во откривањето, следењето и развојот на младите заинтересирани за креативно творештво во општината, само продолжи каде што тогаш застана.
Така, оваа година КЦК влезе во програмата на општина Карпош со финансиска поддршка од 300.000 ден. кои ќе бидат употребени за: организација на 20-ина работилници со учество на над 300 ученици, реализација на истражувачки караван низ други делови од Македонија каде што ќе се шири „инфекцијата“ на КЦК, набавка на нова опрема за работа на 10-те центри во рамки на КЦК, подготовка на сетови за експериментирање за сите ученици во Карпош во наставата по хемија, а ќе се организираат и неколку обуки за наставници.
Ние креативците можеме да ветиме дека овие средства ќе бидат најдобра инвестиција за младите кои сакаат да видат, да слушнат, но и да сработат нешто што не можат да го научат во текот на редовната настава , а е поврзано со истражување, креирање, иновирање.
КЦК на овој начин најискрено се заблагодарува на довербата и подршката од општина Карпоши особено од нејзиниот градоначалник – Стевчо Јакимовски.