Веројатно уникатноста и „багажот“ од активности што си го носи КЦК беше магнетот за Македонската радио телевизија во емисијата „Ѕвон“ да ги покани креативците од ООУ „Вера Циривири Трена“ и од ООУ „Јан Амос Коменски“, заедно со основачот на КЦК професорот Зоран Поповски.
Најпрво Ева Марија, Стефан и Даријан од Центарот за екологија и рециклажа при ЈАК изведуваа експерименти со индикатори од природно потекло, прочистуваа вода, а потоа го демонстрираа и експериментот за електронско наводнување на растенијата со помош на микробит кој е развиен во рамки на проект финансиран од страна на ФИТР.
Потоа, Изабела, Меланија и Бодан од Центарот за производство и контрола на храна при ВЦТ пред гледачите ги демонстрираа своите вештини во изведувањето на експерименти поврзани со анализа на водата за пиење, нејзиното потенцијално загадување и дезинфекција како и со анализа на главните состојки во храната.
Додека ги покажуваа своите експерименти, креативците ги објаснуваа и механизмите на сите тие реакции и процеси, а со водителката Сања разговараа и за мотивите да се биде дел од КЦК и за важноста на практичната настава во образовниот процес.
Во разговорот со основачот на КЦК Зоран Поповски гледачите на Ѕвон беа запознаети со историјатот и активностите на КЦК, почнувајќи од 30-ината работилници на различни теми, обуката на наставници од природните науки, развивањето сетови за експериментирање, создавањето на документарни филмови, посетите на бројни лаборатории, локалитети и природни реткости, а беше потенцирана и идејата за организирање на истражувачки караван преку кој КЦК ќе го пренесе своето искуство во други градови во Македонија. На крајот беше иницирано и формирање на Куќа на експерименти во Скопје во која децата и младите на директен начин ќе влезат во светот на науката.
Ова прекрасно дружење во емисијата „Ѕвон“ го украсија и членовите на танцовиот клуб „Бранкица и Бранимир“ чии членови со своите танци направија да се чувствуваме могу пријатно во студиото на МТВ.
Голема благодарност до МТВ и уредникот на емсијата Тања Ласковска за поканата да бидеме Ѕвонски гости.