ИЗВЕШТАЈ ОД СТУДИСКА ПОСЕТА НА ИСТРАЖУВАЧКАТА СТАНИЦА ПЕТНИЦА
20- 21 ноември 2015 год.
Во рамки на проектот за формирање на Креативниот центар Карпош (КЦК) беше организирана студиска посета на Истражувачката станица Петница (ИСП) во близината на Ваљево, Република Србија. Оваа станица постои од 1982 година и во изминатите години се занимава со создавање услови за вклучување на учениците и студентите во истражувачката работа и со неформална обука на наставници. Досега низ преку 2000 програми на ИСП поминале над 50.000 учесници и неколку илјади стручни соработници. Тоа беа причините зошто се определивме да ја посетиме станицата и да пренесеме дел од нивните искуства во формирањето на КЦК.
Престојот запоочна со кратка презентацција на историјатот на станицата, нејзината локација, статус и развој од страна на нејзиниот основач и сеуште актуелен директор Вигор Мајиќ. При тоа тој потенцираше дека Петница е основана во 1982 година како здружение на граѓани во една стара училишна зграда во близина на Петничката пештера и во близина на многу значаен археолошки локалитет од неолитска населба која во континуитет постоела над 5000 години. Исто така беше спомнато дека Петница е на граница помеѓу планинскиот и низинскиот дел на Србија на околу 7 км од Ваљево.
По оваа би рекле презентација од нога, беше презентирана дејноста на ИСП од страна на Ненад (задолжен за меѓународна соработка) на која беше укажано на типот на програмите наменети за различмни категории на учесници, на начинот на селектирање на учесниците, циклусот на организација на ангажманот на средношколците, учеството во меѓународните асоцијации и меѓународната соработка. При тоа беше потенцирано дека 80% од активностите на ИСП се насочени за средношколци, а 20% за ученици од основните училишта. Средношколците се вклучуваат во своевиден циклус кој се состои од 4 фази и тоа: запознавање и избор на темата на истражувањето, потоа дефинирање на целите и методите, па реализација на истражувањетото во текот на летниот период и презентација на резултатите во есенскиот дел. За учениците од основните училишта повеќе од триесет години се организира летната научна школа. Покрај овие ученички активности, во ИСП се реализираат посебни програми за неформална обука на наставници, а некогаш се реализара пракса за студенти, кои постојано се вклучени како стручни соработници во реализацијата на индивидуалните истражувања на учениците. Во однос на меѓународната соработка, таа е воглавно регионално ориентирана и во нејзините програми учествуваат покрај ученици од Србија и од Македонија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Словенија и Хрватска. Но, ИСП е дел од меѓународната мрежа за извонредност на млади, а во голем дел се финансира од Европските програми како Еразмус + и Хоризонт 2020.
По оваа презентација, беше организирана посета на сите лаборатории и кабинети кои се наоѓаат во ИСП во која покрај Никола помогна и Ивана која е ангажирана како стручен соработник. Обиколката започна од лабораторијата по биологија која е опремена со неопходната опрема за култура на клетки, микробиологија и делумно за молекуларна биологија. Потоа беше посетена лабораторијата за хемија во која се наоѓаа соодветени апарати за аналитика и екстракција сето тоа организирано во услови каде што е обезбедено сигурно ракување со апаратите и инструментите. Во продолжение беше посетен кабинетот за геологија, делот за електротехника и оптика. Општ е впечатокот дека лабораториите и кабинетите се одлично опремени и организирани.
Потоа беше посетена библиотеката на ИСП во која се наоѓаат над 40.000 наслови организирани по области и примероци од над 30 списанија на кои е претплатена ИСП. Таму се наоѓаат и учебници за основно и средно образование скоро од сите земји во регионот.
По посетата на библиотеката, беше посетен и музејот на ИСП во кој се наоѓаат археолошката, палентолошката, хемиската и биолошката збирка кои се состојат исклучиво од експонати кои се пронајдени во околината на ИСП.
По овие посети беше организирана средба со помошшник директорот за програми на ИСП – Срѓан Јанев кој присутните ги запозна со начинот на обезедедување на опремата, изградбата на ИСП и бројните иновации и идеи кои се реализирани во текот на постоењето на станицата.
Следното утро еден дел од учесниците ја посетија Петничката пештера, а по појадокот Нина Јевтиќ – раководител на програмите по хемија ги запозна учесниците со организацијата на научниот ден – манифестација наменета за учениците од основните училишта. Имено, секоја година ИСП организира 30 – 35 научни денови на кои учествуваат над 500 ученици. Денот е замислен така што освен запознавањето со ИСП учениците низ неколку турнуси се запознаваат со неколку групи на експерименти од различни области по нивен избор. Тоа се еднодневни екскурзии кои траат од 10 до 17 часот со финансиска партиципација од 1200 динари (околу 10 евра) за секој ученик. Овие активности се реализираат во текот на април и мај и октомври и ноември. За овој тип на активности би можел да послужи и Креативниот центар Карпош, но претходно би требало да се организира посета на една група ученици од Карпош со неколку наставници од училиштата кои се наоѓаат на територија на општина Карпош.
Последна беше презентацијата на директорот Вигор Мајиќ кој се задржа на организацијата на летната научна школа. Таа е во траење од 2 недели и на неа учествуваат 50-80 ученици кои се претходно селектирани врз основа на нивните пријави. Во селекцијата покрај интересот и постигнувањата на кандидатите, се води сметка за застапеноста на учениците од различни средини, особено од рурални кои немаат многу можност да се запознаат со предизвиците на истражувањето. Престојот во текот на двете недели е интензивен исполнет со предавања по избор од 20-ина теми во претпладневните часови и практична работа во попладневните и вечерните часови. За овие школи би требало да се мотивираат повеќе ученици од Македонија кои би конкурирале и евентуално ако ја поминат селекцијата би учествувале на истите.
Треба да се истакне активниот однос и заинтересираноста на најголем дел од учесниците во дискусијата која се развиваше по овие презентации.
Од технички аспект, учесниците беа сместени во хотелскиот дел на ИСП во двокреветни соби, а оброците беа организирани во мензата.
ПРЕПОРАКИ
- По формирањето на другите единици во рамки на КЦК да се органзира стручна дводневна посета на ИСП од страна на задолжените наставници од единиците во рамки на КЦК, при што би се запознале со некои содржини од ИСП кои би можеле да ги применат во КЦК.
- Во текот на март и април да се организира најмалку една група од 20-ина ученици од сите училишта на територија на општина Карпош во придружба на неколку нивни наставници за кои би бил организиран посеебен научен ден.
- Да се направи споредба на програмите и евентуално да се разменат содржини кои би можеле да се реализираат во ИСП и КЦК.
- Да се поканат претставници на ИСП на отварањето на КЦК што би било прилика и за презентација на ИСП пред јавноста во општина Карпош и пошироко во Република Македонија.
Подготвил,
Раководител на КЦК
———————————————–
Проф. д-р Зоран Т. Поповски
УЧЕСНИЦИ
- Проф. д-р Зоран Т. Поповски – раководител на КЦК
- Томе Несторовски – технички координатор на КЦК
- Александра Блажевска – инструктор во КЦК
- Христина Антоноска – Борисовска – инструктор во КЦК
- Дивна Карапанчева – инструктор во КЦК
- Даниела Радевска – инструктор во КЦК
- Емилија Арсовска – директор на ООУ „Јан Амос Коменски“
- Лела Николовска – директор на ООУ „Петар Поп Арсов“
- Снежана Карас – директор на ООУ „Вера Циривири Трена“
- Марина Милевска – директор на ООУ „Аврам Писевски“
- Соња Силјановска – директор на ООУ „Братство“
- Лидија Водјаник – директор на ООУ „Димо Хаџи Димов“
- Кристина Ристевска – директор на ООУ „Војдан Чернодрински“
- Проф. д-р Оливер Зајков – ПМФ – Институт за физика
- Проф. д-р Методија Најдоски – ПМФ – Институт за хемија
- Проф. д-р Соња Геговска – Зајкова – ФЕИТ – Катедра за математика
- Проф. д-р Митко Караделев – ПМФ – Институт за биологија
- Доц. д-р Катерина Русевска – ПМФ – Институт за биологија
- Д-р Пеце Ристевски – Управа за хидрометеоролошки работи
- Иван Маленков – Контрола на лекови
- Мимоза Клековска – КиТ
- Јордан Милошески – Зоолошка градина – Скопје
- Даниела Штерјова – член на Комисија за јавни дејности
- Лилјана Симоновска – член на Комисија за јавни дејности
- Гордана Стојчевска – Зафировска – Сектор за јавни дејности
- Ивана Тасевска – Одделение за поддршка на Советот на општина Карпош
- Виолета Цветковска – Одделение за односи со јавност
- Амел Амед – Одделение за односи со јавност
- Марина Маленко – Одделение за образование