По минатонеделната работилница посветена на енергетиката и енергетската ефикасност, во последната сабота од оваа учебна година (5-ти јуни),  КЦК ја организираше последната работилница во учебната 2020/21 година со неколку ПРИКАЗНИ ЗА ХРАНАТА. Во време кога малку олабавија мерките против пандемијата предизвикана од корона вирусот и кога надвор времето беше сончево и убаво за дружење, пријатно н`е изненади бројката од 40-ина учесници кои ја следеа оваа работилница, за што КЦК изразува огромна благодарност.

Која беше идејата на оваа работилница? Многу едноставно, храната е услов за опстанок на секое живо суштество (вклучително и на човекот), таа е извор на енергија за сите животни процеси, а сепак малку знаеме за неа.

Затоа без презентации, низ муабет Проф. Зоран Т. Поповски – основачот на КЦК ги запозна учесниците со некои важни факти дека храна на оваа планета се произведува доволно, ама за жал таа не е рамномерно расределена и затоа околу 1 милијарда луѓе гладуваат на дневна основа. Понатаму тој сподели информации со присутните колку и каква храна се произведува на дневна основа во светот и која е разликата меѓу храната од растително и животинско потекло. Кога стана збор за составот на храната, професорот Зоран ги започна своите едноставни експерименти со кои го покажуваше присуството на разни минерали, шеќери, масти, белковини и витамини во храната, а додека течеа експериментите младите креативци учерствуваа во разговорот за улогата на овие состојки во живиот организам. При тоа беа анализирани вообичаени прехранбени производи како:  вода за пиење, мед, брашно, пудинг, зејтин, лимон, јајце, млеко и т.н.

Ако овој дел од работилницата беше посветен на анализата и контролата на составот на храната, вториот дел од работилницата се случи во стакленикот на ООУ В.Ц. Трена во кој се наоѓа Центарот за храна на КЦК чиј осноположник е наставничката Дивна Карапанчева. На почетокот таа ги запозна присутните креативци со историјатот на овој природен погон за производство на храна, но и на декоративни растенија. Најпрво е иницирана изградба на пластеник со поддршка на УСАИД во 2013 година, а кој од 2015 година е дел од КЦК. Во продолжение, во соработка со неколкумина свои ученици наставничката Дивна демонстрираше нови едноставни експерименти за одгледување на растенија и во домашни услови, а потоа ги претстави иновациите кои се развиени во одгледувањето на автохтони сорти на земјоделски култури, а кои се откриени во рамки на проект кој е финансиран од Фондот за иновации и технолошки развој. Учесниците на работилницата пројавија голем интерес за оваа активност, а некои од нив се изјаснија дека нешто слично ќе направат и дома користејќи ги овие корисни импровизации кои се направени во стакленикот

На крајот на оваа учебна година, КЦК изразува благодарност до сите организатори, реализатори и учесници во работлниците во услови на пандемија, со што се обезбеди континуитет во неговото постоење и функционирање како единствен модел за работа со надарени ученици во Македонија.