По потпишувањето на договорот со општина Карпош, КЦК веднаш започна со реализацијата на превзементите обврски. Имено, во саботата на 4-ти март, по дождливо време 21 ученик од скоро сите училишта во Карпош и четири нивни наставници учествуваа во работилницата насловена како „Што јадеме и што пиеме?“. Таа се одржа во Стаклената градина на Центарот за храна како дел од КЦК во ООУ „Вера Циривири – Трена“.
Домаќин на оваа работилница беше м-р Томе Несторовски – аналитичар во Институтот за храна при Факултетот за ветеринарна медицина во Скопје кој е воедно и секретар на КЦК, а реализацијата ја „попречуваше“ и професорот Зоран Т. Поповски од Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје кој е основач на КЦК.
Во текот на повеќе од двочасовното дружење, учениците докажуваа присуство на хлориди во вода за пиење кој е присутен заради нејзина дезинфекција, потоа амонијак и нитрити во вода кои не смее да ги има заради нивната токсичност. Освен вода креативците докажуваа скроб во различни производи, редуцирачки шеќери во мед, а предмет на анализа за присуство на различни елементи беше и пепелта.
Најважно од се е што учениците ги работеа сами експериментите под менторство на батко Томе, а со практични објаснувања на чичко Зоран. На крајот на работилницата сите ја посетиоја лабораторијата за протеинска и ДНК технологија на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје во која ќе се реализира втората работилница во текот на мај оваа година, но со анализа на други супстанции во храната. Во меѓувреме, учениците добија мала задачка – секој од нив во меѓувреме треба да направи мини-истражување за по еден прехранбен производ, а сознанијата да ги споделни со останатаите на почетокот на следната работилница. Од анонимната анкета можеше да се заклучи дека децата уживаа во возобновувањето на КЦК во Карпош.
Одличен домаќин на овој настан беше наставничката Дивна Карапанчева од ООУ „Вера Циривири – Трена“ која е главниот „виновник“ за постоењето на стакленикот и пластеникот во ова училиште како дел од КЦК.