На 28.12.2016 год. во Креативниот центар Карпош – Центар за храна во ООУ „Веар Циривири – Трена“ се одржа промоција на набавената опрема за потребите на КЦК. На оваа промоција присуствуваа ученици, вклучените наставници во работата на КЦК, стручните соработници, директорките на училиштата и претставници на општина Карпош.

Присутните имаа можност да ги видат современиот телескоп и моделите на Сончевиот систем набавени за Центарот за космологија; понатаму неколку дигитализирани микроскопи за Центрите за зоологија и за ботаника и микологија; сетови за експериментирање, реагенси и лабораториски потрошен материјал за Центарот за екологија; сетовите за минерологија и палеонтологија за Центарот за културно наследство; понатаму комплети за конструирање на соларни ќелии, ветерници и воденици за Центарот за енергетика и климатски промени, сетовите за експериментирање во Центарот за храна, алатите за обработка за Центарот за ракотворби и моделите за конструирање роботи за Центарот за дизајн и роботика. Воедно, презентирана е аудио-визуелната опрема за Центарот за аудиовизуелни уметности која се состои од Go-pro камера, LCD проектор со посебен наставен софтвер како замена за smart табла.

Покрај набавената опрема, беа претставени и збирките на хербаризирани растенија и габи за Центарот за ботаника и микологија, како и збирките на артефакти за Центарот за културно наследство. За Центарот за зоологија веќе се собрани десетина донирани кафези, терариуми и аквариуми кои исто така беа дел од оваа презентација.

Сега останува на учениците, наставниците и активистите на КЦК оваа опрема во текот на 2017 година да ја стават во функција и со неа да привлекуваат ученици – истражувачи кои се заинтересирани за продлабочено занимавање со наука.