Пред некој месец, “ничим изазвана”, општина Гази Баба му додели награда за наука,”Големата Мајка” на основачот на КЦК, професорот Зоран Т. Поповски, како на човек кој повеќе од 30 истражува на нејзина територија. Честа беше уште поголема што тој не конкурираше, туку едноставно го препознале. Во знак на благодарност уште на доделувањето на наградата на градоначалникот Борче Георгиевски професорот Поповски му ветил дека средствата сака да ги подари за Детското СОС село.

И така дојде 29.02 за професорот Зоран да си го исполни ветувањето. Имено, тогаш за 40-на деца од Детското СОС село, креативците од КЦК организираа ден за спектакуларна наука. Сметавме дека на овие дечиња треба да им овозможиме влез во тајните на науката, нешто за што досега немале шанса.

Низ тричасовно дружење со овие прекрасни деца, со помош на нашите домаќини Христина и Љупчо, чичко Мето им ги откри тајните и магијата на пиротехниката, батко Томе со децата анализираше каква вода пиеме и каква храна јадеме, тетка Дивна ги научи како да прават полимери и да склопуваат фосили и батко Томи со нив направи возила на соларна, хидро и ветро енергија.

Можеби дента на некои од овие умни глави им го трасиравме патот кон нивната професија и иднина. А децата? Еее, децата се посебна приказна. Љубопитност, вештина, знаење, па и радост се разлеваа низ прекрасниот простор на СОС селото, а нам ни навираа солзи радосници од задоволството кое се читаше на нивните лица и во нивните очи.

Благодариме на децата, на СОС службениците, на нашиот основач Зоран Поповски и на градоначалникот Борче за ова прекрасно доживување. Баш сме среќни!